Основното јавно обвинителство информира дека оформило предмет за трошењето на парите од буџетот од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“, соопштија од скопското обвинителство.
Претходно за случајот реагираа и од Владата посочувајќи дека очекуваат одговорност и нулта толеранција и од членовите на Антикорупциска.
– Владата на Република Македонија го следи принципот на нулта толеранција за корупција. Во изминативе седум месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба поднесоа одговорност. Истовремено Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите останати јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа – рекоа од Владата на Република Македонија.
Медиумите објавија дека ревизијата на УЈП констатирала нерегулараности во работењето на Комисијата, каде нејзини членови ненаменски трошеле буџетски средства. Конкретно, во ревизорскиот извештај било констатирано дека на члнеови од Комиисјата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден…