Обвинителството пресече: Никој не е виновен за бегството на Груевски


Основното јавно обвинителство утврди дека ниту едно службено лице не помагало, ниту учествувало во организацијата и реализацијата на бегството на Никола Груевски. Досега прибавените докази упатувале на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, но тие не претставувале кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство.

Во продолжение, Обвинителството хронолошки објаснува како се одвивала истрагата по ноемвриското бегство на поранешниот премиер, кој, во меѓувреме, доби азил во Унгарија.

„Обвинителството, заради обезбедување докази и утврдување на фактите во предметот, издаде наредби за одземање на снимките од видео надзорот од камерите на Safe city системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Притоа, од три хотели во Скопје, Обвинителството доби одговор дека не се во можност да го екстрахираат снимениот видео материјал, по што надлежниот јавен обвинител издаде наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење.

Целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти е доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. По таа наредба се уште се постапува.

Од Интерпол, преку Министерството за внатрешни работи, доставена е информација со која се укажува дека не постојат податоци за излез на сега осудениот Никола Груевски на ниту еден граничен премин од Република Македонија во критичниот период. Едновремено, од увидот извршен во Интегрираниот систем за гранична контрола, утврдено е дека не постои евидентиран излез од територијата на Република Македонија на осудениот.

Преку меѓународна правна помош, Обвинителството на 19.11.2018 година достави барање до надлежните институции во Република Албанија и Република Црна Гора за обезбедување на снимките од видео надзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на Амбасадата на Република Унгарија во Тирана. По барањето, црногорските власти постапија веднаш и на 21.12.2018 година екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видео материјал во Подгорица. Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 09.01.2019 година го известија Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека побараниот видео материјал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов пренос. Екипи од Обвинителството со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека материјалот не е сочуван, односно дека времетраењето на чувањето на снимениот материјал се разликува на различните гранични премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум.

Во предметот издадени се 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период. Листинзите се обезбедени и од нив првично се утврдени некои факти кои се предмет на натамошно постапување и анализа.

Надлежниот обвинител, преземајќи дејствија во предметот, сослуша вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица.

Во насока на утврдување на евентуални пропусти во постапувањето на службените лица чија обврска била обезбедувањето на осудениот Груевски, Обвинителството во неколку наврати побара од надлежните служби да му бидат доставени информации и податоци за начинот и преземените мерки во обезбедувањето. Исто така, до повеќе надлежни институции, обвинителот достави барања за податоци во насока дали имале сознанија дека сега осудениот Груевски се подготвува за бегство. Од сите институции пристигнат е одговор дека немале сознанија ниту информации за такви планови на осуденото лице.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во досегашниот тек на постапката утврди дека во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, сега осуденото лице Никола Груевски подигнало околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1