УХМР најавува дека под влијание на топол бран следува период на сончево и многу топло време.
Особено топло ќе биде во првата декада од месец август кога дневната температура локално ќе достигне 40 степени.
од 5 август Македонија ќе биде зафатена од најинтензивниот топлотен бран ова лето, со продор на многу топол воздух од југ, односно од Африка, најавува метеорологот Славчо Попоски.
Според него, топлотниот бран најверојатно ќе трае шест до седум дена, до околу 10 или 11 август, по што се очекува постепено намалување на интензитетот на горештините.
Истовремено, Европа и Балканот се подготвуваат за нов силен топлотен бран. Метеоролошкиот сервис „Severe Weather Europe“ најавува ширење на таканаречена топлотна купола, поврзана со атмосферскиот феномен „Омега блок“, која ќе донесе екстремно високи температури во централна Европа, Медитеранот и на Балканот.
Топлотната купола делува како капак што го задржува топлиот воздух над одреден регион. Воздухот се спушта кон површината, се компресира и дополнително се загрева, додека отсуството на облаци и посилен ветер овозможува температурите да растат од ден на ден. Ваквите услови, особено во комбинација со сушата и ниската влажност, го зголемуваат и ризикот од пожари на отворено.
Според SWE, топлотниот бран најпрво ги погодува Шпанија и Франција со температури од 42 до 46 степени, по што центарот се поместува кон југоисток. На директен удар се Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Унгарија и Романија, каде што се очекуваат температури над 40 степени Целзиусови.
Покрај високите дневни температури, метеоролозите предупредуваат и на тропски ноќи во кои минималните температури нема да паѓаат под 24 степени, што го спречува организмот соодветно да се одмори. Сушата и ниската влажност на воздухот дополнително создаваат висок ризик од појава на шумски пожари.








