Авиокомпанијата Чех ерлајнс ќе ја обнови редовната авионска линија Скопје – Прага од 20 мај годинава, со три лета неделно. Билетот во еден правец чини 5.039 денари (85 евра), а повратен 9.725 денари (159 евра) со вклучени такси.
Воспоставувањето на редовната линија Скопје- Прага го потврдија денеска на прес-конференција Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во Чех ерлајнс и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски, во присуство на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Летови од Скопје кон Прага, како што најави Тот, ќе има во понеделник, среда и во петок, со тргнување во 4 часот наутро и пристигнување на аеродромот „Вацлав Хавел“ во 6 часот и 10 минути. Од Прага за Скопје, пак, летовите ќе се реализираат во вторник, четврток и во недела навечер во 22:25 минути, со пристигнување на „Александар Велики“ 25 минути по полноќ.
Од 20 мај ќе има летови за Прага во понеделник и во петок, а од Прага за Скопје во четврток и во недела. Од 13 јуни односно од 14 јуни се воведува и третиот лет, полетувања за Прага во среда и за Скопје од вторник.