За десет дена сите повици во земјава ќе станат национални и ќе добијат нова, пониска цена. Така, наместо досегашните три, тие ќе чинат еден денар. Ова го најави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации, АЕК, Роберт Ордановски. Тој нагласи дека нема повеќе локални и национални повици, односно сите ќе бидат национални и без разлика од каде и да се врти, цената ќе биде иста. Ордановски уште еднаш упати апел до сите оператори во земјава да се однесуваат поодговорно и да ги почитуваат законите, а фокусот да се стави на корисниците. Досега, според АЕК, примени се 2.024 приговори и поплаки од граѓани, од кои околу 970 се однесуваат за мобилната телефонија. Дури 70 отсто од нив се однесуваат на превисоки сметки, односно на начинот на тарифирање на мобилните оператори.