Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ денеска во Собранието поднесоа Предлог закон за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.
Со овој закон се предвидува Законот за лустрирање да престане да важи на 1 септември 2015 година. За решенијата што дотогаш ќе ги донесе Комисијата ќе продолжат да се применуваат одредбите од Законот се до нивно конечно завршување.
– Од 1 септември 2015 година, Комисијата за верификација на фактите нема мандат за покренување нови постапки согласно Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност. Се запираат сите започнати постапки за кои до 1 септември 2015 година не се донесени решенија од Комисијата за верификација на фактите, стои во членот 2 од Предлог на законот.
Мандатот на лустрациска престанува со конечното завршување на постапките согласно овој закон. Документацијата на оваа комисија добиена при остварување на своите надлежности Комисијата е должна да ја предаде на Државниот архив. Вработените во стручната служба на Комисијата ќе бидат преземени од Министерството за информатичко општество и администрација.
Со предлогот, лице на кое со конечно решение на Комисијата за лустрација му е утврдена соработка со органите на државна безбедност, го исполнува условот со кој му се ограничува правото за вршење јавна функција пет години од денот на конечноста на решението.
Комисијата за верификација на факти која го отпочна и водеше процесот на лустрација во Македонија досега утврдила соработка со органите на државната безбедност на над 300 лица, а проверила повеќе од 30 илјади лица поранешни носители на јавна функција, јавна дејност или со јавни овластувања, сегашни носители на овие функции, како и кандидати за овие функции. Меѓу лустрираните има професори, писатели, поранешни министри, политички функционери, јавни личности…