Од трите езера што ги имаме, две можеби се најстари во Европа


Охридско Езеро е најстаро во Европа, покажаа истражувањата што почнаа лани, а кои сѐ уште траат, во рамки на проектот за утврдување на староста на езерото, за чија цел на водите беше монтирана платформа донесена специјално од Америка.

05Експертите од Хидробиолошкиот завод во Охрид, кои работеа на проектот, се надеваат дека во иднина платформата би можела да се монтира и на Преспанско и на Дојранско Езеро за точно да се утврди и нивната старост.

– Сакаме да направиме уште неколку интересни истражувања, како што е поврзаноста на Охридско и Преспанско Езеро. Преспанско Езеро нема површински истек, додека Охридско го има Дрим. Со таквиот истек самото езеро се подмладува. Системот му овозможува да се ослободи од сѐ што му е вишок. Преспанско Езеро, пак, само си нашло решение. Преку Галичица стигнува до Охридско Езеро. Сакаме овој проект да продолжи и во регионот на Преспа – вели Душица Илиќ-Боева од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Постојат теории дека Преспанско Езеро е постаро од Охридско, меѓутоа додека не се направат потребните истражувања, тоа не може да се тврди.

– Таа приказна се поврзува со тоа што Преспанско Езеро е поплитко, а е на повисока надморска височина. Во геологијата и во хидрологијата има интенции дека е постаро, меѓутоа додека науката не го докаже тоа, додека не се направи длабинско дупчење, не може да се шпекулира – додава Боева.

Да се донесе платформата е тешка задача бидејќи е единствена во светот. Со неа се истражуваат буквално сите езера во светот, во Европа, Африка, Азија, Америка…

Намерата е истражувањето да продолжи и на Дојранско Езеро.

– Езера од сличен тип има и на северниот дел на Грција, со што ќе се открие цела една приказна за нивниот настанок. Идеја е да се работи и на Дојран, само тешко би било тоа да се изведе во исто време. Засега можеме само да се надеваме дека ќе ни биде овозможено, зашто платформата што беше во Охрид се користи за истражување на сите езера во светот, па плановите каде ќе се дупчи се направени 15 години однапред – објаснува нашата соговорничка.

Досегашните истражувања покажаа дека Охридско Езеро е најстаро во Европа, но сепак е помладо отколку што се претпоставуваше. Според процените на научниците, неговата старост е некаде меѓу 1,3 до 1,8 милион години. Само за споредба, повеќето езера во Германија или во Скандинавија се појавиле по последната ледена доба, што значи дека се помлади од 15 илјади години.

Нова Македонија

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1