Судијата во претходна постапка од одделот за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1-Скопје синоќа по неколкучасовниот распит, го одби предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување мерка притвор за лицата Г.Ј., К.Б., К.Т. и Н.В осомничени за сторени изборни измами во предметот „Титаник“.
Како што соопшти Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на сослушување вчера се јавиле лицата Г.Ј., К.Б., К.Т. и Н.В. за кои Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации поднесе предлог за определување мерка притвор за обезбедување присуство заради непречено водење на кривична постапка.
– По сослушување на лицата во присуство на нивните полномошници, судијата на претходна постапка, во законски предвидениот рок од 6 часа по завршување на сослушувањето, донесе одлука со која го одби предлогот на обвинителството, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Образложението на судијата на претходна постапка, се посочува, е опфатено во одлуката која е доставена до странките кои имаат право на жалба до овој суд во рок од 24 часа.