Судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 на денешната седница ја уважија несогласноста на судијата на претходна постапка, со која не се определува привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека.
Тоа се наведува во соопштението од Основен суд Скопје 1 по денешната седница на која одлучуваа по несогласноста на судиите на претходна постапка, во врска со барањата за привремено одземање на имот поднесени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО).
– Судиите од Кривичните совети постапувајќи по несогласноста на судиите на претходна постапка, во врска со барањата за привремено одземање на имот поднесени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), согласно член 202 став 3 од ЗКП донесоа решенија со кои се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка при што од страна на судот не е определена предложената привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека, се наведува во соопштението на Основен суд Скопје 1.
Барањата произлегуваат од последните три истраги „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“ кои ги отвори СЈО.