Одбраната на Мијалков побара ослободителна пресуда, нема доказ дека влијаел врз ДИК


Адвокатот Миле Петровски, бранител на обвинетиот Сашо Мијалков, во денешниот завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“, побара носење ослободителна пресуда за неговиот клиент бидејќи, како што рече, не постои ниту еден доказ дека тој презел било какво дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар.
– Не постои доказ за било какво барање или извршено влијание од Сашо Мијалков врз Мендух Тачи, како резултат на што противзаконито е стекнато право за натамошно учество на кандидатот Васил Пишев на изборите во Струмица, истакна Петровски.

Посочи дека обврска на тој што го поднел обвинението е да даде доказ дека Мијалков искористил реално влијание врз Мендух Тачи и примил награда за таквото влијание.

– Тоа е неоснована и непотврдена претпоставка. Елемент без чие постоење ниту е можно да се поднесе обвинение, а не да му се суди, нагласи Петровски.

Нагласи дека одлуката на ДИК за која се вели дека е незаконита е колективна одлука и потврдена од второстепен орган.

Бранителот Љупчо Шврговски рече дека целото обвинение се насочува врз основа на еден аудио материјал, за кој, како што рече, е противзаконски набавен.

– Пресудата не може да се заснива само врз основа на исказ на загрозен сведок. Одбраната основано смета дека пресуда не може да се темели само врз база на аудио снимка и да се користи како основен доказ, истакна Шврговски.

Според обвинителниот акт Сашо Мијалков го искористил своето реално влијание и по телефон побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата политичка партија во ДИК да гласа за носење на одлука во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пише се стекнал со противзаконито право за понатамошно учество на изборите.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1