Детската клиника почна да затвора оддели поради недостиг на медицински сестри. Во понеделникот попладне деца со тешки малигни заболувања хоспитализирани на хематологија биле префрлени на други одделенија зошто за во текот на ноќта немало здравствен персонал.
На одделот останале само 4 сестри бидејќи другите биле на боледување. Од Клиниката велат дека таа вечер еден пациент со леукемија бил сместен на онкологија, а друго дете на ендокринологија. Во соби со многу пациенти. Лекари коментираат дека во период кога Клиниката е полна со деца со вирусни инфекции шетањето на пациенти со леукемија може дополнително да им ја влоши здравствената состојба.
Во текот на вчерашниот ден по реакција на родителите малите пациенти повторно биле вратени на хематологија, а за да функционира одделот менаџментот на установата ангажирал медицински сестри од други одделенија.
– Во моментот на Клиниката за детски болести работат 100 медицински сестри. Тие се грижат за над 140 хоспитализирани деца и за сите кои се третираат амбулантски. За нормално функционирање потребен е двојно повеќе средно медицински кадар.
Пред неколку недели од клиниката поднеле барање до министерството за здравство за итно вработување на 20 медицински сестри, но од таму им рекле дека процедурата била во тек.
Од здравство на прашањето на Сител одговорија дека министерот потпишал согласност за вработување на потребниот кадар, а за надминување на проблемот биле во интензивна комуникација со финансии и со ФЗОМ.