Врбица Стефанов е нов тренер на МЗТ Скопје, откако македонскиот првак пред неколку часа му врачи отказ на Змаго Сагадин. Легендата на македонската кошарка од самиот почеток на летово е дел од „сино-белите“ од скопската населба Аеродром, а од пред извесно време почна со работа со младинскиот тим на МЗТ. ЕКИПА уште пред три месеци пишуваше дека Врбица е главен фаворит за наследник на Мартич, но тогаш управата на клубот се реши да го избере Змаго Сагадин – и очигледно погреши.
Раководството на „металците“ веднаш по прекинот на соработката со Сагадин седна на преговарачка маса со Стефанов, со кого нешто по полноќ и дефинитивно ги договори условите за соработка.
„Можам да потврдам дека и официјално сум тренер на МЗТ Скопје. Тоа е се што можам да кажам во моментов“ – порача Врбица Стефанов за ЕКИПА.
Пред Стефанов не е нималку лесна задача, да успее да извлече максимум од тимот што самиот не го селектираше, но Врбица во текот на својата играчка кариера во многу наврати покажал дека знае да одговори на предизвикот кога е најтешко, зошто сега истото не би го повторил и како шеф на стручниот штаб на македонскиот првак.
Ekipa.mk