Околу 200 пријави за штети од серијата земјотреси во охридско


Околу 200 пријави за штети од серијата земјотреси во охридско-преспанското подрачје имало во текот на денешниот и вчерашниот ден на телефонскиот број за итни повици на Центарот за управување со кризи 195.

Најчесто пријавувани штети има за срушени оџаци, напукнати и изместени преградни ѕидови и други површински оштетувања кои настанале од паднати предмети.

Центарот за управување со кризи соопшти дека денеска е одржана вонредна седница на Регионалниот штаб за управување со кризи во Охрид на која е донесена одлука да се продолжи со проверка на објектите во однос на конструктивната сигурност, да се даваат насоки и упатства за постапување на граѓаните при вакви ситуации, да се посетат локациите на кои самоиницијативно се сместени граѓани во шатори и да се извршат дополнителни контроли на исправноста на водата за пиење во епицентралните подрачја.

– Апелираме до граѓаните да останат смирени и присебни, да не се создава паника која би предизвикала деструктивно однесување од поединци, да не се подлегнува на гласини и шпекулации за евентуална евакуација и да се следат препораките и насоките дадени од надлежните институции, велат од РЦУК.

За какви било дополнителни информации, граѓаните можат да се јават на бесплатните телефонски броеви на ЦУК – 195 и полиција – 192.

За утре е закажана седница на Главниот штаб во Центарот за управување со кризи, на која ќе се расправа за моменталната состојба со серијата земјотреси и ќе се донесат заклучоци за натамошно делување.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1