Гумени топки, пластични камиончиња, кукли, багери, се само дел од листата со опасни играчки. Хемискиот состав не е единствениот на кој треба да се внимава. Механичкиот состав, физичките карактеристики и сертификатот се исто така под лупа, пишува „Дневник“. Пазарниот инспекторат е на терен и во следните пет дена ќе ги проверува детските играчки што се изложени во продавниците.
„Кадифени мечиња со ѓердани или белезица кај куче-играчка се само дел од недостатоците кои ги откривме во првиот ден на контролата. Од продажба се отстранети и играчки кои имаат јаже со кое детето може да се задави. Иако декларацијата е добра, сепак играчките се небезбедни за децата и издадовме решение да се отстранат од продажба“, вели, за весникот, Фатмир Шехи, инспектор од Државниот пазарен инспекторат.
Во Институтот за јавно здравје велат дека за една година исконтролирале над триста играчки.
„Дел од играчките што ги испитувавме имаат отровна боја, дел формалдехид над дозволената граница, а имаше и такви што содржеа зголемено присуство на олово. Кај нас главно се испитуваат пластичните играчки по барање на санитарната инспекција“, велат, за „Дненвик“, во лабораторијата за испитување на здравствената исправност на предмети за општа употреба која работи во состав на Институтот за јавно здравје.
Меѓу сомнителните играчки имало детски колички, џипови, мобилни телефончиња, топки. Сите се отстранети од продажба. Контролите и понатаму се прават доколку инспекторите се посомневаат во квалитетот и исправноста на играчката.
Ако сте решиле да купувате играчки, купувајте исклучиво во легални продавници, а не на зелените пазари. Внимателно прочитајте ја декларацијата и испробајте ја играчката веднаш, уште во продавница. Водете сметка на декларацијата да има ознака „ЦЕ“ што гарантира дека производот ги исполнува минимумот безбедносните стандарди предвидени во Правилникот за безбедност на детските играчки.
„Ако видат дека декларацијата не е соодветна или почувствуваат несоодветен мирис, веднаш треба да реагираат“, велат во ОПМ.