Обединетата македонска дијаспора(ОМД) испрати писмо до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (Хашки трибунал) во кое се бара обвинителот повторно да ги разгледа четирите предмети(Мавровски работници, Непроштено, Водство на ОНА и Липковска брана) кои во 2008 година беа вратени на македонските судови.
ОМД, како што соопшти, го испрати ова барање бидејки смета дека македонското судство и обвинителство не ги процесуираа овие четири предмети во согласност сопринципот на владеењето на правото. Одлуката на Уставниот суд на Македонија да не го оспори автентичното толкување на Законот за Амнестија е во спротивност на меѓународното право.
“Македонија како млада демократија има судски систем кој сеуште се развива, но јасно е дека македонското судство понекогаш не успева да ја спроведе правдата и да сe држи до принципот на владеење на правото. Затоа Хашкиот трибунал е единствената институција која што може да обезбеди правда и да ја спречи културата на неказнивост во Македонија” рече претседателот на ОМД Методија А Колоски.
“Хашкиот трибунал имаше донесено грешна одлука да се тужи само дел од сторителите во конфликтот во 2001 година, а другите да се вратат во средина каде што судството не е потполно независноод политичките структури во државата. Затоа ОМД испрати писмо до Хашкиот трибунал во кое побара трибуналот да ги врати во своја надлежност останатите четири предмети од конфликтот во 2001. Според Статутот, Правилникот и праксата на трибуналот, теоретски тој може повторно да ги земе овие случаи во своја надлежност”, заклучи Колоски.
Барањето до канцеларијата на јавниот обвинител на Хашкиот трибунал се базира на следново:
– Амнестијата за злосторствата против човештвото и воените злосторства не е во согласност со меѓународното право. Нормите во меѓународното право не дозволуваат отстапки кога се работи за амнестија на горенаведените злосторства.
-Одлуката на македонскиот парламент од 2011 година да ги амнестира ваквите кривични дела штити одредени поединци од кривична одговорност.
-Врз основа на правилото на предност, Хашкиот трибунал треба да ги врати овие случаи во своја надлeжност особено бидејќи релевантните национални власти се неспособни или не сакаат да ги процесираат случаите.
– Правилникот на Хашкиот трибунал овозможува тој да повлече предмет кога институциите во прашање не можат да спроведат фер судење. Исто така и праксата на трибуналот дозволува тој да повлече несериозно процесуирани предмети.
ОМД е свесна дека Хашкиот трибунал наскоро ќе се затвори, но нагласува дека доколку трибуналот не е во можност да ги врати четирите предмети во своја наделжност, Резидуалниот механизам кој ќе биде правен наследник на трибуналот, би бил во можност да го стори тоа. Резидуалниот механизам ги наследува надлежностите и ги продолжува правата, обврските и основните функции на Хашкиот трибунал.