Опаѓање на косата – причини и третман


Опаѓањето на косата, медицински познато и како алопеција, е појава која се јавува и кај двата пола. Со познавање на процесот на растење на косата, полесно можеме да го разбереме процесот на нејзино опаѓање.

Со овој текст би сакале да ви ја објасниме оваа појава, различните видови на губење на косата како и можните третмани за да се спречи тоа.

Анатомија на влакното

Во составот на влакното влегува една материја која се нарекува кератин, која исто така е составен дел и на ноктите.

Во кожата се наоѓа една структура која се нарекува папила и која го создава влакното. Околу папилата се наоѓа една друга структура која се нарекува фоликула и го сочинува коренот на влакното.

Телото на влакното се наоѓа над кожата и е составено од три слоја: кутикула – надворешен слој, кортекс – средишен дел и медула – центар на влакното.

Бојата на влакното зависи од различни пигменти кои се наоѓаат во кортексот. Како што старее организмот, лачењето на овој пигмент се намалува, со што бојата преминува во сива или бела.

Влакното расте од папилата и тоа во различни фази. Најпрвин е фазата на растење која може да трае и до 5 години. По оваа фаза, следува фаза на одмарање која трае 12 недели. По оваа фаза, влакното отпаѓа од својата фоликула и почнува да расте ново влакно. Потоа целиот циклус се повторува. Дневно може да отпаднат над 100 влакна. Нормалниот раст на косата зависи од дотокот на крв во папилата секако и од здравствената состојба на целиот организам.

Видови на алопеција и причини за појава

Постојат различни видови на опаѓање на косата. Најчест вид е ќелавоста, која се јавува кај 95 одсто од луѓето кои имаат проблем поврзан со паѓањето на косата. Ќелавоста всушност не претставува опаѓање на косата. Косата не паѓа, таа станува многу тенка и без боја.

Најчесто ќелавоста е наследна. Но исто така може да се јави и заради пореметен статус на хормоните, како високо ниво на машки полови хормони наречени андрогени. Но и жените исто така имаат андрогени, па затоа оваа појава се јавува и кај двата пола.

Исто така, ќелавоста може да се јави и заради употреба на одредена група лекови како што е хемотерапијата и лекови кои се користат за лекување на гихт, артритис, депресија, висок крвен притисок.

Таблетите за контрацепција како и самата бременост исто така може да доведат до оваа состојба која може да трае и до шест месеци и по престанокот на користење на овие лекови или по пораѓајот, сепак косата повторно почнува да расте без сериозни последици.

Постојат и други состојби кои може да доведат до губење на косата: проблеми со тироидната жлезда, диета која не вклучува протеини, намалено количество на железо во крвта, дијабет, поголем хируршки зафат или некое хронично заболување, габична инфекција на скалпот.

Загубата на косата може да биде предизвикана и од механичко тегнење на косата, кое може да настане свесно при нервозни ситуации или пак несвесно кога долго време косата стои врзана со ластик.

Хемискиот и топлотниот третман како што е бојадисувањето, може да го ослабнат влакното и да предизвикаат опаѓање.

Исто така и самиот имун систем може да доведе до опаѓање на косата. Имуниот систем е оној кој му помага на телото да се одбрани од вирусни и бактериски инфекции, како и од било кое страно тело. Понекогаш нашиот одбранбен систем прави грешки, па во такви ситуации ги напаѓа фоликулите сметајќи ги за страни тела. Доколку дојде до ова, опаѓањето на косата од скалпот, а и од целото тело може да се појави во вид на опаднати прамени и оваа појава се нарекува alopecia areata. Постои појава кога од истата причина отпаѓаат сите влакна од целото тело, ваквата појава се нарекува alopecia universalis.

Третман

Третирањето на ќелавоста не е многу ефективно. Постојат специјални лосиони кои ја подобруваат циркулацијата околу фоликулите и папилите.

Исто така се користи и терапија со финастерид која се зема еднаш дневно, а има за цел да ги блокира ефектите на андрогените врз фоликулот на влакното. Овој лек може да доведе до проблеми кај бремени жени, па затоа се советува жените да не го користат. Понекогаш потребни се месеци пред лосионите или лековите да покажат било каков резултат.

Многу специјалисти препорачуваат употреба на бебешки шампони, избегнување на сушење на косата со фен и чешлање на водена коса бидејќи тогаш влакното е покршливо, па се советува чешлањето да биде на сува коса.

Третманот на alopecia areata вклучува употреба на стероиди било да се орални, или со инјекција или топикални масти кои се нанесуваат на оштетеното место.

Оваа состојба може да се третира и со лосиони или крем познат како антралин.

Кај пациенти со посериозни проблеми може да бидат препишани стероидни лекови.

Постојат и други опции за третман на посериозни случаи на alopecia areata или universalis:

1. Третман со лекови кои го потиснуваат имуниот систем како што е циклоспоринот

2. Третман на кожата со ултравиолетово светло откако на пациентот ќе му биде одредена специјална орална терапија

3. Понекогаш може да се користат креми кои педизвикуваат алергиски реакции на кожата со што може да поттикнат раст на влакното

Терапијата на алопеција зависи и од причините поради кои што е настаната

На пример додавање на железо или протеини во исхраната може да го поттикне растот на косата. Кај случаите каде не помага никаков третман може да помогне перика или трансплантација на коса.

Пациентите со вакви проблеми треба да ги заштитат изложените области од надворешни фактори. Доколку постојат случаи на опаѓање на трепките и веѓите се препорачува носење на очила за да се заштитат очите.

Автор M-r Ph Марија Петреска

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1