Дел од грчките опозициски партии упатија остри критики до премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис за неговиот говор на отворањето на Меѓународниот саем во Солун во саботата вечерта, како во однос на ставовите за економската политика, така и за Договорот од Преспа.
Од СИРИЗА велат дека Мицотакис во пракса ја призна потребата од почитување на Договорот од Преспа, од МЕРА25 коментираат дека „изненадува молкот на грчкиот премиер“, а од Грчко решение, дека Владата го „предала светото име Македонија на Скопјаните“.
Од МЕРА25, партијата на поранешниот министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, наведуваат дека молкот навистина изненадува ако се земе предвид патриотската пасија со која предизборната Нова демократија беше во сеопфатната борба против договорот.
„Единственото споменување во неговиот говор се однесуваше на македонските производи и нивната заштита! Партиската јавност на Киријакос Мицотакис не изгледаше изненадена од оваа бучна тишина. Ако нешто ни покажува сето ова е токму хипокризијата на премиерот од една страна и инструментализацијата на чувствителното прашање за северна Грција од друга страна, со единствена цел победа на изборите“, соопштуваат од МЕРА25.
Од десничарски ориентираната партија Грчко решение велат „Господине Мицотакис, вие можете да ги остварите вашите контакти со странците, но грчкото општество сфати! „Ја продадовте Македонија за премиерската фотелја“.