Лидерот на АА вели дека во секој момент до полноќ може да продолжи собраниската седница за недоверба на Владата кога ќе се создадат услови за тоа
Собраниската седница за гласање недоверба на Владата не е завршена се додека не се обезбедат 61 пратеник и до полноќ во секој момент таа може да продолжи кога ќе се создадат услови за тоа, порача денеска лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, неколку часа по почетокот на денешната собраниска седница на која опозицијата нема кворум ниту за усвојување на дневниот ред.
„Ова што се случува денеска е доказ на тоа што го кажав дека Владата паѓа и дека најпосле граѓаните ќе бидат ослободени“,рече Села.
Опозицискиот блок, којшто се обедини околу иницијативата за гласање (не)доверба на Владата, е во потрага по пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, од којшто зависи текот на денешната собраниска Седница. Неговата матична партија се сомнева дека Реџепи навистина стои зад пораката којашто изутринава беше објавена на неговиот Фејсбук профил, а со која што најави дека нема намера да гласа во Собранието, ниту пак да обезбеди кворум.
Нивните сомнежи одат дотаму што велат дека таа изјава е дадена против негова волја. Партијата последен пат со него контактирала во текот на вчерашниот ден, по што му се губи секаква трага. Доколку се покаже дека тој навистина се пишманил околу ставот да гласа за иницијативата, се најавува дека Беса ќе преземе мерки против него согласно Статутот на партијата. Во меѓувреме, претседателот на Беса, Билал Касами рече дека е во контакт со институциите и со МВР за да се пронајде каде е Реџепи.
Дилемата каде е Кастриот Реџепи на социјалните мрежи ја отвори и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Според него, пратеникот на Беса, кој се попишмани и одлучи да не гласа за недоверба на владата, наводно се наоѓа во Бугарија, бидејќи од таму е логиран на социјалната мрежа Фејсбук.
„Заев има пари и фирми и имот во Бугарија.Кастриот Реџепи е логиран на ФБ во Бугарија Дали е однесен, пренесен, превезан, натоварен, убеден, уценет или присилен, знаат само Заев, ДУИ и тој“, напиша Милошоски.