Советот на општина Чаир денеска на вонредна седница одлучи да им се додели парична помош на семејствата чии роднини го загубија животот во трагичната несреќа што се случи завчера во Бугарија. Советот едногласно ја одобри одлуката средствата предвидени за украсување на територијата на општина Чаир за новогодишните празници да бидат распределени за семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија.
-Тоа значи дека од сметката 425990, програма Е0 одбиваме 1.200.000 денари и истите ги додаваме на сметката 412110 програма А0, постојани резерви, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Советот на општината формираше и комисија со претставници од сите партии во Советот на општина Чаир и еден вработен од општинската администрација кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства.
-Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме во ублажување на болката на членовите на семејството кои ги загубија своите роднини во трагичната несреќа.
Нека им е лесна земјата на оние што ги загубија животите, а нивните роднини, пријатели, колеги нека живеат и нека се сеќаваат на нив, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.