Ордените за воени заслуги што денеска ги добија Одделот за гранични работи и миграции и Единицата за обука и поддршка при Министерството за внатрешни работи од Претседателот на државата Ѓорге Иванов се признанија за нивната подготвеност, професионалност и служба на граѓаните и на државата. Како припадник на Министерството за внатрешни работи особено сум горд на ова признание за двете Единици, ова го истакна министерот за внатрешни работи Митко Чавков денеска на Церемонијата за доделување на Ордени за воени заслуги.
Во името на Одделот за гранични работи и миграции и Единицата за обука и поддршка при Министерството ордените ги примија Помошник на директорот Маринко Кочовски, како и Командантот на Единицата Бранко Трајановски.
Граничната полиција, организирана согласно европските стандарди за гранично работење спроведува ефикасни гранични проверки на граничните премини и граничен надзор на зелената граница. Граничната полиција особен придонес даде во справување со предизвиците произлезени од мигрантската криза Единицата за обука и поддршка, освен примарната задача – заштита на безбедноста на Република Македонија во услови на сложена безбедносна состојба, во последните неколку години редовно е ангажирана и за поддршка на Регионалните центри за гранични работи. Единицата, од 2013 година континуирано е ангажирана за заштита на јужната државна граница и справување со илегалната миграција.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов искажувајќи благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи истакна дека чувајќи ја границата од заканата од илегална миграција тие го зачуваат суверенитетот.