Еден ден откако СЈО отвори нови шест истраги, вицепремиерот Бујар Османи, кој е еден од осомничените во случајот „Пациент“ изрази подготвеност да соработува со специјалното обвинителство. Османи се сомничи за злоупотреба на службената положба и тоа додека бил министер за здравство. Според обвинението имало нерегуларности во постапките за јавни набавки во текот на 2010 година за вршење градежни работи во неколку јавни здравствени установи. Истрагата опфаќа вкупно 15 лица, а меѓу нив е Османи.
„Ќе беше добро да ме консултираат пред да излезе моето име, не бев повикан да дадам мислење, но се надевам дека оваа истрага ќе заврши поскоро со цел да се утврдат фактите. Можеби од многуте случаи на СЈО може да се направат и такви грешки. Компанијата, која добила, е 20 милиони денари поевтина од втората компанија, а било прикажано дека е поскапа. Може да се случат такви грешки и не можам да осудувам дека се направени намерно“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за економски прашања.
Премиерот Заев рече дека за новите случаи на СЈО бил информиран од медиумите, но дека не гледа никакво влијание врз собраниските процедури за отворање на уставни измени. Тој рече дека Османи не може да даде оставка од функцијата вицепремиер се додека не се докаже дека е виновен.