Останува плаќањето по учинок за лекарите


Ставот на Владата по вечерашната средба со лекарите во врска со актуелните состојби во здравствениот сектор е концептот за реформата кој значи награда за успешните доктори кои се посветени кон пациентите, а дестимулација на помалку посветените доктори преку санкција.


На вечерашната средба меѓу премиерот Никола Груевски, министерот за здравство Никола Тодоров и лекарите констатирано е дека може да се разговара за дополнително презицирање на критериумите и листата на бодување.
– На средбата потенциравме дека ќе опстоиме на концептот за оние лекари кои ќе работат повеќе да бидат наградени, а оние кои недоволно посветено пристапуваат на работата да им биде намалена платата, изјави по средбата министерот Тодоров.

Во врска со покачувањето на платата било потенцирано дека разговорите ќе продолжат во рамки на отпочнат процес за колективно преговарање со Гранковиот синдикат во здравството.
– Во делот на барањето за покачување на платата беше потенцирано дека е отпочнат процес за колективно преговарање со репрезентативниот Синдикат и дека е потпишан Протокол за колективно преговарање, рече Тодоров.

Тој посочи дека дополнително може да се разговара за прецизирање на критериумите и листата на бодување, при што Владата понудила американски модел.
– Понудениот американски модел на бодување може да биде основа за доработка на моделот на бодување кој беше направен од страна на лекарите од сите клиники, истакна Тодоров.

Во врска со тоа додаде дека се подготвени да разговараат во делот на бодовната листа која беше направена од лекарите од секоја здравствена установа посебно и доставена до Министерството за здравство. – Доколу сметаат дека таму има определени грешки кои ги направиле во распределбата на бодовите во тој дел сме подготвени да разговараме, рече Тодоров.

Дејан Ставриќ од Самостојниот синдикат по средбата одговарајќи на новинарско прашање рече дека мотивите на премиерот за воведување на оваа реформа се правични.
– Мотивите се апсолутно правични. Околу мотивите никогаш не сме спореле, туку само за формата на моделот кој мора да претрпи промени што ќе значи успешно негово спроведување, рече Ставриќ.

Тој посочи дека по разговорите во Владата стекнал впечаток оти во делот на моделот ќе има простор за корекции. – Вечерва се постави платформа за евентуален договор. Тоа ќе го пренесеме до сите учесници во овој штрајк и ќе настапиме со одреден предлог, кој ќе биде доставен до Министерството за здравство и до Владата, рече Ставриќ и додаде дека очекува позитивно придвижување и оти ќе има одредена отстапка и од нивна страна.

Ставриќ рече дека ги поддржува реформите кои Владата ги спроведува во насока на модернизација на здравството преку инвестирање во медицинска современа опрема и реконструкција на болниците.
Љубиша Каранфиловски од Гранковиот синдикат во здравството изјави дека како Синдикат остануваат на ставот да нема намалување на основната плата, како и намалување на квалитетот на здравствените услуги. Според него, вечерашниот состанок бил многу значаен во делот на укажувањето на состојбите во здравството пред премиерот Груевски.
Учесниците на вечерашната средба со заеднички став за продолжување на преговорите и во наредните денови.

Mia

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1