Финансиската полиција во соработка со Основното јавно обвинителство од Скопје, открија уште еден голем случај на финансиски криминал каде главен протагонист повторно е градежна фирма од Скопје. Македонија е оштетена за сума од над 700.000 евра по основ неоснован поврат на ДДВ и други неплатени даноци.
Поради постоење на основано сомневање дека започнувајќи од 2010 година па се до 2015 година во континуитет вршел финансиски криминал, Финансиската полиција го уапси сопственикот и управител на градежната фирма Фарком Инженеринг од Скопје.
Уапсениот е осомничен дека за периодот од 01.01.2010 до 31.12.2013 година година, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметувал и не плаќал ДДВ по основ на издадени и наплатени фактури за извршена продажба на стоки и услуги на реномирани градежни фирми исто така од Скопје.
Пријавениот за периодот 2010-2012 година не изготвил и не доставил ДДВ пријави до Управата за јавни приходи а за 2013 изготвил и доставил ДДВ пријави со невистинити податоци.
Со цел да го избегне плаќањето на пријавената обрска за ДДВ заклучно со 31.12.2013 година, првопријавениот во периодот од 01.01.2014 до 30.06.2015 година изготвил и поднел шест фалсификувани ДДВ пријави до Управата за јавни приходи во кои прикажал невистинити податоци за влезниот промет, односно, во истите евидентирал фиктивен влезен промет за наводно извршени набавки на стоки и услуги со кои лажно прикажал даночно побарување по основ на поврат на ДДВ.
Сопственикот и управител на градежната фирма не запрел само на неоснованиот поврат на ДДВ туку напротив во периодот од 15.01.2010 година до 31.12.2013 година, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист од сметката на фирмата, без никаков основ подигнал во готово 1.350.000 евра без да плати персонален данок на доход.
Со цел прикривање на затаените средства првопријавениот за 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година изготвил Завршни сметки со невистинити податоци и истите ги поднел до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар.