За забуната којашто го одбележа 89-тото доделување на Оскарите, кога Ворен Бити и Феј Данавеј за најдобар филм го прогласија „Ла ла ленд“ наместо „Месечина“, единствено можат да бидат виновни „чуварите“ на ковертите во кои на картичка се испишани имињата на победниците, пишува „Политика“.
Станува збор за т. н. личности од доверба, претставници на американската компанија „ПрајсвотерхаусКуперс“ (Pricewaterhouse Coopers (PwC)), која е задолжена за броење на гласовите на членовите на академијата, за нивната обработка и собирање, испишување на имињата на картичките и за печатење на ковертите. Тие „чувари“ на ковертите одговараат за сите пликови, ги означуваат по категории и во присуство на инспициент на доделувањето на Оскарите зад сцената ги предаваат на личноста која го врачува Оскарот.
„ПрајсвотерхаусКуперс“ се извинила и соопштила дека дошло до предавање на погрешен коверт и дека тоа не им била намерата. Компанијат, оваа година, 83. пат, за Американската филмска академија, ги броела гласовите за доделувањето на Оскарите. Со процесот на пребројување на гласовите раководат двајца претставници на оваа фирма (овој февруари тоа беа Марта Руиз и Брајан Калинан), и тие се единствените на светот кои ги знаат имињата на добитниците на Оскарите пред церемонијата на доделувањето и отворањето на ковертите.
Како дел од мерките за предострожност, се подготвуваат два идентични сета коверти, во кои се наоѓа името на добитникот кои двајцата раководители со процесот на гласење, со обезбедување, со одвоени и тајни рути ги носат до театарот „Долби“, во којшто се одржува доделувањето на Оскарите.
Токму тука згрешил еден од „чуварите“, бидејќи неупотребениот коверт за главната женска улога им го дал на Ворен Бити и Феј Данавеј. Кога веќе видел дека не го добил вистинскиот коверт, Бити тоа требало и да го каже јавно. Инаку, како уште една мерка на безбедност е и таа дека „чуварите“ на ковертите се обврзани и да ги запамтат имињата на сите добитници по категории.
„ПрајсвотерхаусКуперс“ изададе уште едно соопштение за јавноста, речиси 24 часа по срамната збрка во завршницата на доделувањето на Оскарите.
Компанијата ја презема целосната одговорност за грешката, објаснувајќи дека еден од двајцата партнери кои единствено ги знаеле резултатите и ги делеле ковертите на презентерите, Брајан Калинан, по „грешка му го дал на Ворен Бити дуплиот (резервен) коверт за категоријата најдобра главна актерка наместо за најдобар филм“. Неколку минути подоцна и Академијата издала свое официјално соопштение по повод инцидентот во којшто го поздравила „достоинственото држење“ на сите погодени со оваа грешка.
„Последните 83 години Академијата и го доверуваше на ПрајсвотерсКуперс“ критичниот процес на табелирање, вклучувајќи ја и точната испорака на резултатите. Тие ја преземаа целосната одговорност за кршењето на востановените протоколи којшто се случи во текот на церемонијата.“
По таа неопростива грешка, пишува понатаму во соопштение, Академијата поминала цела ноќ и наредниот ден, истражувајќи што се случило и во склад со тоа ќе одлучи „кои понатамошни мерки ќе ги преземе“.