Емисијата „Враќање во дивината“ ги следи „јуначките дела“ на Ерни Браун Џуниор од Кентаки, познат како Тртлмен (ловец на желки), кој со голи раце ги фаќа животните што влегле во домовите на луѓето.
Сепак, истрагата на „Мадр Џоунс“, заснована на документи и интервјуа со луѓето што биле дел од продукцијата, укажува на етички сомнителни активности. Откриено е дека животните биле ловени, дека им биле давани седативи за да можат пред камерите повторно да ги „фатат“ како дел од сценариото.
Во епизодата со ракуните, на пример, Тртлмен треба да ги фати ракуните што го тероризираат домот на едно семејство во Кентаки и кои можеби имаат беснило. Браун и неговиот помошник Џејмс „ги наоѓаат“ ракуните во алиштата за перење и драматично се борат за да ги фатат, за на крај да ги стават во вреќа. Приказната има среќен крај: ракуните се вратени во дивината, во природно подрачје, а семејството не е веќе под опсада.
Вистината е поинаква. Ова реално шоу, како и многу други, е фалсификат. Според сведоците, ракунот што глуми мајка, всушност е мажјак. Исто така, потврдено е дека животните ги уловил ловец за да се направи комплетното сценарио.
Од Анимал планет признаваат дека се наместени сцените со спасување, но се обидуваат тоа да го претстават во малку поубаво светло, истакнувајќи дека животните што биле дел од емисијата претходно биле спасени од членови на службата за заштита на диви животни.
Емисијата „Враќање во дивината“ наводно им овозможува на животните нова шанса за живот.