Доцнењето на рускиот претседател веќе влезе во легендите. Папата Франциско повторно го остави да чека, Џон Кери со часови си играше со палците, а поранешната сопруга на Путин поради неговото доцнење плачела на метро станиците.
Трпението може да биде доблест, но малку луѓе би го оставиле папата да чека. Владимир Путин е исклучок, и рускиот претседател во средата на состанокот доцнел еден час, пишува „Гардијан“.
Доцнењето на Путин е легендарно. Известувачите од Кремљ редовно чекаат по неколку часа, бидејќи средбите ретко кога почнуваат навреме. Неговото доцнење варира од лидер до лидер, па само еден час доцнење е знак на почит.
Путин доцнел 50 минути на својот прв состанок со папата Франциско во 2013 година. Поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, меѓутоа, еднаш го чекал четири часа, а европските лидери редовно чекаат по еден час или повеќе.
Путин доцнел и на почетокот на својот мандат. На состанокот со британската кралица во 2003 година доцнел 14 минути, а една година претходно, родителите на децата загинати во авионската несреќа, на гробиштата го чекале два часа.
Путин во 2012 година доцнел три часа на состанокот со Џон Кери во Москва, оставајќи го американскиот државен секретар да шета на Црвениот плоштад и да си игра со палците, пред да добие зелено светло од Кремљ. Не е забележано некој лидер едноставно да се откаже пред да се види со рускиот претседател.
Имајќи предвид дека Путин успева да дојде навреме на телевизиските конференции за медиумите, или на некои внимателно планирани случувања, општа претпоставка е дека неговата бавност при средбите со руските и меѓународните политичари е внимателно смислена поради психолошкиот ефект.
Но, Путин доцнел и пред да стане политичар. Неговата поранешна сопруга Људмила, еднаш раскажала дека неговите доцнења на почетокот на нивната врска ја доведувале до солзи.
„Никогаш не доцнев, но Владимир Владимирович секогаш. Час и половина беше нормално. Се сеќавам дека стоев во метрото. Првите 15 минути доцнење се во ред, половина час така-така. Но кога ќе помине еден час, а него се уште го нема, тогаш почнувам да плачам.“
Кремљ сепак направил необичен потег и го објаснил доцнењето од средата, како евентуален знак дека Путин се почувствувал непријатно што го оставил папата да чека.
– Точно е дека состанокот со папата се одржа по планираното време – рекол за руските новинари портпаролот на Путин, Дмитриј Песков. „Разговорите во Милано продолжија повеќе од очекуваното, а нашата поворка се мошне бавно се движеше по улиците на Милано и Рим. Секако, цело време постојано бевме во контакт со Ватикан и го објаснувавме нашето доцнење”.
Песков рекол дека папата Франциско и Путин имале „длабока“ дебата во траење од околу еден час, со осврт на Украина, меѓународните односи, како и на „универзалните човечки вредности кои ги обединуваат католичкиот и православниот свет“. Ватикан соопштил дека дебатата била главно фокусирана на Украина, и дека папата повикал за мир во земјата. Путин исто така на папата му предал медалјон „Ангел на мирот“.
Портпаролот на Путин остро го критикувал Кенет Хакет, американскиот амбасадор во Ватикан, кој пред состанокот рекол дека се надева дека папата на Путин ќе му каже нешто повеќе од „загриженоста за територијалниот интегритет на Украина“.
– Многу е необично да сметате дека имате право да му држите предавање на папата. Сериозно, тоа е невиден обид да се поништи суверенитетот на друга држава – рекол Песков.