Британската телевизија Скај њуз доби имиња на 22 илјади членови на Исламска држава од поранешен борец на групацијата. џихад
Разочаран член на ИД украл УСБ со информации од внатрешната полиција на џихадистичката организација. Документите содржеле имиња, адреси, телефони, крвната група, информации за роднините и други податоци за лицата од 55 држави кои се приклучиле кон ИД.
Скај њуз ги известила властите за добиените информации.
– Тоа истекување на информации се смета за сериозен пораз на ИД, бидејќи се добиваат важни разузнавачки податоци за нивната воена состојба во Ирак и Сирија, пишува весникот „Тајмс“.
Според весникот експертите на британското разузнавање МИ-6 и на контраразузнавањето МИ-5 веќе почнале со анализа на информациите.
Во документите има имиња на некои веќе идентификувани џихадисти. Податоците посочуваат дека над 70 отсто од лицата кои се приклучиле кон ИД се од арапските земји, а од европските најбројни се граѓани на Франција, Велика Британија и Германија.
Документите на Скај њуз и ги предал поранешен борец на Слободната сириска армија, кој се приклучил кон ИД и кој се претставил како „Абу Хамед“.
Тој ги предал информациите на новинар во Турција, појаснувајќи дека ја напушта ИД, поради тоа што групацијата ги загубила исламските идеали, во кои тој верува. „Абу Хамед“ додаде дека ИД го напуштила своето засолниште во градот Рака во Сирија и се преместила во пустина.