Деветстотини милиони денари досега се отпишани долгови на 9.000 семејства во рамки на владината мерка за еднократен отпис на долгови на граѓаните. Вкупно во рамки на мерката се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување решенија. На триесетина од нив им беа доделени решенијата за отпис на долговите. Решенијата во Владата ги додели премиерот Никола Груевски, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, пренесе МИА.
– Во духот на нашите заложби засновани на начелата на хуманизам, социјална праведност и солидарност изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови на граѓани. Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменета да помогне на најпогодените наши граѓани, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.
Посочи дека Македонија беше прва која излезе со ваква мерка и оти другите држави ја преземаа.
– Реагиравме човечки, реагиравме како ниту една влада во светот што не реагираше, рече премиерот.
Истакнувајќи дека многумина ја дочекаа со неверување рече дека Владата решила да помогне на начин на кој никој во светот не помогна. – За разлика од некои други држави каде што се отпуштаа работници, се зголемуваа даноците и се преземаа голем број други мерки кои ја отежнуваа и така тешката ситуација на луѓето, во Македонија се случуваа малку поинакви процеси, истакна Груевски.
Како што додаде, еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар.
Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, потоа кредити и минуси на трансакциски сметки и за долгови за радиодифузна такса и топлинска енергија.
Барања за отпис на долговите граѓаните може да поднесат од 18 август до 13 октомври минатата година. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година. Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица кои имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските.