Фентанилот, извонредно силен аналгетик којшто, како што објавија власите придонел за смртта на музичката легенда Принс пред шест седмици, е одговорен за сé поголемиот број смртни случаи од предозирање во САД.
Според податоците објавени на интернет страницата на американскиот Центар за контрола на болестите (CDC), најсилниот познат наркотик и опиодниот аналгетик е 50 пати посилен од хероинот, а стотина пати од морфиумот.
Производството на фентанил, пореди сé позачестените предозирања, е под строга контрола на американската Управа за храна и лекови (FDA), но и покрај тоа во САД се произведува и во илегални лаборатории. Станува збор за многу силен лек којшто пациентите го земаат откако нивниот организам ќе стане отпорен на делувањето на другите лекови од истото семејство.
Од CDC истакнуваат дека илегалното производство на фентанил е сé поголем проблем во САД, бидејќи лекот лесно се набавува на црниот пазар поради што смртноста од предозирање со синтетски опиоиди во 2014 година во САД се зголемила за 80 отсто. На пример, во сојузната држава Охајо, бројот лица предозирани со фентанил во 2014 година пораснал од 92 на 514 луѓе.
Проблемот е подигнат на сојузно ниво. Американскиот претседател Барак Обама на почетокот од годинава од Конгресот побара издвојување на 1,1 милијарда долари со кои во следните две години би се финансирала заменската терапија на зависниците од хероин и лицата кои земаат силни аналгетици на рецепт.
Американската полициско-разузнавачака Агенција за сузбивање на дрогите DEA, минатата 2015 година издаде предупредување на државно ниво за опасноста од земање фентанил во коешто стои дека и најмало количество од лекот може да биде смртоносно.
Овој опиоиден аналгетик најчесто се користи кај тешко заболени лица во терминална фаза од болеста. Поради опиодните својства на лекот, пациентите коишто го земаат мора да бидат под лекарски надзор, бидејќи може да доведе до брадикардија или забавено дишење.
Опасноста од предозирање со фентанил во САД последните неколку години, како што објави DEA, доаѓа во бранови. Во периодот меѓу 2005 и 2007-ма евидентирани се илјада починати од последици на предозирање со фентанил, повеќето во Чикаго, Детроит и во Филаделфија. Трагата довела до лабораторија во Мексико која потоа е затворена.
Месец и половина по смртта на Принс, наодите од обдукцијата ги потврдија сомневањата според кои виновни за неговата смрт се опиоди, попрецизно фентанилот. Засега нема информации за тоа дали аналгетикот го добивал на рецепт или го набавил на некој друг начин.