Според извршената идентификација, Министерството за внатрешни работи потврди дека опожареното лице во Градскиот Парк во Скопје е 45 годишната Р.С.од Скопје, соопшти Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вчера изврши увид во Градскиот парк на местото каде беше пронајдено опожареното тело на женско лице. Од местото е подигнат доказен материјал и за истиот јавниот обвинител издаде Наредба за криминалистичко – техничко вештачење, како и Наредба за обдукција на телото.
Јавниот обвинител изврши и разговор со едно лице кое било сведок на настанот. Сведокот го слушнал пискотот на сега починатата Ружица во моментот додека горела и повикал екипа на Брза помош со која комуницирала до нејзиното доаѓање на местото на настанот.
Основното јавно обвинителство – Скопје работи на утврдување на причините на настанот.