Полицијата расчисти две тешки кражби на експозитури на “Македонски пошти“ при што кривично пријави три лица, Д.Ј. (30), Б.Ш. (24) и Ш.Д. (46) поради постоење основано сомнение дека сториле повеќе кривични дела со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од 110.250 денари, а причиниле материјална штета од 57.383 денари.
Од страна на судија на претходна постапка, на Д.Ј. и Б.Ш. одредена им е мерка притвор во траење од осум дена,а на Ш.Д. одредена му е мерка задржување на патна исправа.
Пријавените кривичните дела го извршиле во периодот од 27.05 до 06.06. годинава, и тоа две на подрачје на Кисела Вода и две на подрачје на Гази Баба, во ноќните часови на тој начин што откако ќе го извршеле кривичното дело – “одземање моторно возило“, со возилото го извршувале другото кривично дело – “тешка кражба“.
Првото кривично дело на крајот од мај годинава го извршил Д.Ј. кој откако го извршил кривичното дело – “одземање моторно возило“ на ул. „Сава Ковачевиќ“ каде што со подесен алат го одзел ПМВ „Фиат Уно“потоа се упатил на истата улица каде што го извршува и другото кривично дело – “тешка кражба“ во експозитурата на АД „Македонска Пошта“. Притоа откако насилно со употреба на погоден предмет, влегол во експозитурата и насилно ја откорнал металната каса која била ставена во дрвен и незаклучен плакар, ја изнел надвор од поштата и ја сместил во багажниот простор на украденото возило. Металната каса ја однел кај него дома а во наредните денови, со погоден алат, успеал од задната страна на касата да направи два отвора од каде ги одзел паричните средства кои биле внатре. Одземеното возило, го однел и оставил на булевар „Македонска Косовска Бригада“ во непосредна близина на угостителскиот објект „Принц“.
Потоа на почетокот на јуни годинава (06.06.) Д.Ј., Б.Ш. и Ш.Д., го повториле истото. Прво на булевар АСНОМ на паркинг просторот, одзеле ТМВ „Фиат Фиорино“ (пикап) а потоа со возилото сите се упатиле кон населба Маџари, каде што го извршиле друго кривично дело – “тешка кражба“ во пошта лоцирана на улицата „Благоја Стефковски“ бб. Иако не успеале да ја откорнат металната заштитна решетка на влезната врата од поштата, сепак тоа им успеало со металната заштитна решетка на еден од прозорите и влегле во експозитурата. Внатре дошле до вратата од благајната која со употреба на сила насилно ја отвориле, а таму го отвориле металниот ормар од каде украле неколку вреќи во кои имало ситни метални пари, и еден метален сеф, кои потоа ги изнеле и ги ставиле во одземеното моторно возило.
Меѓутоа, набргу додека се движеле кон централното градско подрачје биле пресретнати од полициска патрола која извршувала редовни полициски задачи. Д.Ј кој го управувал возилото, ја зголемил брзината на возилото и нагло го смениле правецот на движење со тоа што го свртиле возилото по улица која водела кон Железничката станица, а кога стигнале во близина на пругата, сите тројца излегле од возилото и се оддалечиле во непознат правец, оставајќи го возилото и украдените предмети во него.
Извршен е увид над возилото и местото на настанот, при што се пронајдени и подигнати фолии со микро траги и траги од папиларни линии, една дводелна метална каса, една плаво-црвена патна торба во која имало две хебли, три штрафцигери, една ножица за арматура, две маици, една капа, еден пар чорапи и десет платнени вреќички а во истите имало метални пари.
На една од рачките на пронајдената торба, за време на увидот е констатирано дека има залепена хартиена лента слична на чек карта од аеродром, односно листа од чекирање на багаж на аеродром на којашто било испишано името на лицето на второпријавениот Б.Ш.
По ова преземени се сите потребни оперативни и други крим-технички мерки при што лицата се пронајдени и приведени во просториите на СВР-Скопје каде што со нив е извршен разговор во кој го појасниле начинот на извршување на кривичните дела.
Исто така со претходна судска наредба извршени се претреси во домовите на пријавените при што во домот на Д.Ј. пронајдени се и привремено одземени: еден метална (која со потврда за вратени предмети е вратена на одговорното лице на Македонски Пошти) и три мобилни телефонски апарати.
Инаку, Д.Ј., Б.Ш. и Ш.Д. се познати сторители на кривични дела, односно против Д.Ј. поднесени се две кривични пријави за две кривични дела – “тешка кражба“; против Б.Ш. поднесени се четири кривични пријави за сторени шест кривични дела и тоа четири кривични дела “разбојништво“ и по едно кривично дело “тешка телесна повреда“ и “тешка кражба“, и против Ш.Д. поднесена е една кривична пријава за сторено кривично дело “помагање“ в.в. кривично дело “убиство во обид“.