Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе ја започна зимската кампања: За секоја површина постои соодветна опрема.
Законската обврска за задолжително поседување на пропишаната зимска опрема за возилата и работните машини кои учествуваат во сообраќај на пат, веќе се применува од 15 ноември оваа година и ќе трае сè до 15 март наредната година.
Иако сончевото време и релативно високите температури за овој период од годината и не се баш зимски, сепак, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ве советува да направите неколку основни проверки на возилото кои се особено важни за безбедно управување на моторно возило во зима:
Провека на брисачите. „Рокот на траење“ на брисачите обично е од 6 до 12 месеци, односно, за овој временски период се „троши“ (се кине, се оштетува) гумата која го брише стаклото на возилото. Со редовна промена на брисачите, ќе си обезбедите подобра видливост на патот, а со тоа и поголема сигурност во сообраќајот за вас и за вашите сопатници.
Проверка на течноста за брисачите. Во резервоарот за течност со која се брише ветробранското стакло, собира околу 2-3л. течност. За одржување на чистотата на ветробранското стакло во зима се користи течност која не замрзнува и до – 30 С˚ (во зависност од годишното време и од производителот, на пазарот постојат повеќе врсти). Основно правило за сигурност и подобра видливост на патот во зимски услови е – резервоарот за течност за брисачи секогаш да биде полн.
Проверка на акумулаторот. Ладните температури можат да го испразнат акумулаторот, особено ако паркирате надвор. Пред да паднат температурите длабоко под нулата, задолжително е да се направи проверка на акумулатотот. Доколку е слаб, сменете го на време за да се поштедите од несакани изненадувања особено во доцните вечерни или во раните утрински часови.
Проверка на антифризот. Кај поновите возила, антифризот трае до пет, па и повеќе години, но веќе после петтата година задолжително е да се направи сервис и промена. Истото важи и за постарите возила, задолжителен е сервис пред почетокот на зимската сезона – да се испушти стариот и да се замени со нов антифриз.
Проверка на гумите. Гумите со плитка шара, односно летните или универзални гуми, се потенцијална опасност ако се вози со нив во зима. За возење во зима се користат зимски гуми со подлабока шара, а производителите веќе ни нудат нови дизајни и поквалитетни материјали кои ги прават гумите тивки на суви патишта, а ефикасни и добро прилагодливи за возење на снег.
Проверка на притисокот. Притисокот на воздух во гумите секогаш треба да е соодветен со оној кој е внесен во упатството за употреба на возилото. Возењето во услови на дожд и снег со несоодветен притисок на воздух во гумите може да биде опасно.
Проверка на фаровите. Фаровите (надворешниот, стаклен дел), секогаш треба да се чисти, да не се покриени со кал или да нема на нив фатено мраз. Најдобар начин да ги заштитете да не фаќаат мраз од снег, дожд или од капки вода, е да ги премачкате со восок.
Проверка на маслото. Проверете во упатството од автомобилот колку често треба да го менувате маслото во возилото. Промената на маслото пред да започне зимата е одлична подготовка на моторот за возење во тешки зимски услови.
Проверка на сопирачките. Сопирачките се секогаш важни за безбедност во сообраќајот без разлика на годишното време, посебно кога е лизгав коловозот. Проверувајте ги почесто, а задолжително отидете на сервис ако забележите промена во извршувањето на нивната функција-сопирање.
Животот е подеднакво кршлив. Возете одговорно.