Рубљата е повторно интересна и за инвеститорите и за штедачите, а со оглед на растот на цената на нафтата (на ниво од околу 60 долари за барел), предвидениот колапс на руската економија, барем засега, е сопрен. Освен тоа, големо мнозинство Руси поради изолацијата и тешкотиите во кои се наоѓаат го обвинуваат „антирускиот Запад“ и ја амнестираат сопствената политичка елита.
Но, Русија слави бидејќи санкциите не ги дадоа резултатите кои Брисел и Вашингтон ги очекуваа, а за заздравувањето на рубљата најзаслужна е една од најблиските соработнички на Путин, и личност која е еден од главните носачи на „Путиновата економска програма“ – енергичната педесет и двегодишна претседателка на Централната народна банка и донеодамнешна помошничка на претседателот за економски прашања Елвира Набиулина. Таа не подлегнала на паниката која завладеа во Кремљ, туку, и покрај заканите, одби да ги користи резервите за вбризгување средства за спас на рубљата. Таа чекаше и калкулираше со други параметри.
Ризикот се исплатеше
Таквиот ризик се исплатеше, пазарот се стабилизираше, а рубљата почна да се враќа на реалното ниво. Руските медиуми се распишуваа: Дали Елвира Набиулина е жената на кој Русија ѝ го должи спасот?! Набиулина влезе во низата економски експерти задолжени за опстанокот на Путин. Некои дури ја сметаа и за сива еминенција или барем дел од економскиот тим кој мора да најде начин Русија да не доживее колапс, особено поради тоа што главниот фактор за нејзиниот раст е „она што бог им го истурил по Сибир“ – нафтата, гасот, јагленот и златото, а индустриското производство е едвај негде на маргините.
Полноќни возења
Набиулина, една од најдобрите студентки на Економскиот факултет во Москва, почнала да работи во екот на најмрачниот период на Русија: распадот на СССР, економијата на раб на бездна, барелот на 20 долари, политичка нестабилност.
Во времето на влегувањето на Путин во главната канцеларија на Кремљ во 2000, таа работи во Центарот за стратегиски одлуки каде набрзо го привлекла вниманието на пријателот на Путин и финансиски маг Герман Греф и постсоветскиот староседелец во Кремљ, неформалниот лидер на неолибералната фракција на руската моќ, Анатолиј Чубајс. Набиулина не ја пропуштила шансата, а Греф ја довел во министерството за економски развој кое таа ќе го преземе, како што сакала судбината, токму во 2008 на почетокот на рецесијата. Иако Греф и Алексеј Кудрин, тогашниот министер за финансии, ги собрале сите заслуги кога Русија успеа да се извлече од кризата, јасно било дека Набиулина не била неважен играч. Московските медиуми пишуваат дека таа знаела да се „закачи“ со Путин, но дека тој сега „ѝ јаде од рака“. Угледниот неделник Агањок ја прогласил за втора највлијателна жена во Русија, зад шефицата на Сенатот, Валентина Матвиенко, која е политичка фигура. Сепак, Набиулина има и критичари кои сметаат дека таа е „најголемиот непријател на руската индустрија“.
За нејзиниот приватен живот се знае многу малку. Таа е венчана за директорот на Вишата економска школа, Јарослав Кузминков, кој ѝ бил ментор на докторатот. Тие го имаат синот Василиј. Се знае дека за да се релаксира во ноќните часови понекогаш вози по московските улици во јагуар с-тајп.
За жените во Кремљ баш и нема место
Во руската политика, без оглед дали станува збор за царската, комунистичката или демократската, жените биле и се реткост.
Од императорката Катарина Велика, владетелката на Руското Царство од крајот на 18-от век, немало моќни жени на руската политичка сцена.
Ретките што се појавувале, како семоќната министерка за култура на Брежњев Катарина Фурцева и некогашната петербуршка гувернерка која дури се спомнувала како можна наследничка на Путин Валентина Матвиенко, биле само ретки примери кои го потврдуваат правилото дека на врвовите на Кремљ нема место за жени.
Дури и првите дами секогаш биле во длабока сенка на мажите околу кои се создавала аурата на лојалност кон државата. Двете жени што се издвоиле и биле силни политички фигури биле царицата Александра, жената на последниот император Николај Втори, и Раиса Горбачова, сопругата на последниот шеф на СССР. Но, и двете се најомразените жени во руската историја кои се обвинети дека со својот ангажман ставиле крст на моќната руската држава.
А сега се појави во медиумите неприсутната Набиулина, родена во работничко семејство во градот Уфи во руско-сибирската покраина со муслиманско мнозинство Башкортостан.
Denesen.mk