Овчар сум и тоа не го кријам од девојките на интернет


Овчар сум и не се срамам поради тоа, мора да работам. Немам завршено големо школо, само основно, па што друго би бил ако не овчар. Татко ми ми велеше учи, синко, ќе ти треба школо, но јас велев што ќе ми е школо, раскажува 22-годишниот Саметин Идризов, на бачилото на висорамнината Витачево кај Kавадарци. Но, вели, не сакал да учи, повеќе сакал да се занимава со добиток, пишува Дневник.

– Сакав да пасам овци. Да сакав да учам, ќе ми одеше школото. Подобро, си велев, да бидам овчар отколку да учам школо. Не се каам поради таа моја одлука. Не се каам оти сум навикнал да сум со стоката – вели младиот сточар Идризов. EA585E4440FB1846B0AD48B0533FF2F8

Тој по потекло е од село Горно Јаболчиште, општина Чашка, а сточарството не било традиција во неговото семејство. Неговите во минатото имале свое стадо, но тој бил многу мал и не се сеќава. Уште како 12-годишно момче доаѓал на ова бачило во текот на летниот распуст, бидејќи брат му работел тука и му помагал. Повеќе години работи на фармата.

– Отпрвин го распрашував брат ми како е да се работи со стока. Ми рече, многу е добра оваа работа, дојди да работиш. И така дојдов и јас да работам тука. Ми се допадна да работам во природа. Воопшто не се нервирам со работите на фармата. Се нервирам само кога врне дожд, кога има грмотевици и не е убаво времето, оти тогаш не можам да одам со овците надвор низ висорамнината. Kога е убаво времето, петка е да си со овците. Можам да кажам дека го испеков сточарскиот занает и знам да работам с` што е поврзано со стоката – се пофали тој.

– Многу ми е убаво на фармата. Имам обезбедено јадење и пиење, има струја и телевизор, а имам и мобилен телефон. Тоа што ми е најпотребно, го имам – скромно говори Идризов.

Го задевавме малку за тоа како ќе најде невеста кога најголем дел од времето поминува на фармата.

– Лесно е за невеста, на социјалните мрежи на интернет ќе си најдам. Kомуницирам со светот преку интернетот што го имам на телефонот. На девојките им кажувам дека сум овчар, не го кријам тоа. На оние вистинските тоа воопшто и не им е важно, иако многу од нив сепак признаваат дека им значи тоа што имам работа и заработувам за живот.

Dnevnik

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1