Овие клинци не наследија ништо од своите богати родители


Помислата на млад човек кој има многу пари на својата банкарска сметка наведува на мислење дека тој мора нешто да наследил од своите богати родители. Но постојат и примери на неверојатни млади луѓе кои сами, со својот труд и напорна работа, стигнале до голем професионален и финансиски успех.milioneri naslednici

Марк Цукерберг не е единствениот, туку има и некои кои не се толку познати. Нека ве инспирираат овие десетмина од нив.

1. Фрејзер Доерти

Фрејзер Доерти својот претприемачки дух прв пат го покажал кога имал 14 години. Тогаш тој почнал да прави џем според рецептите на баба му и го продавал во своето маало во Единбург, Шкотска. Кога наполнил 16 години веќе почнал да прави свои верзии на бабините рецепти, нарекувајќи ги Супер Џем. Набргу морал да се откаже од училиштето за да може да ги заврши сите обврски поради големата побарувачка. Работите малку му биле олеснети кога добил понуда од еден синџир на супермаркети да го продава својот џем во сите нивни 184 маркети. Зел кредит од околу 9.000 долари за да го прошири производството и за скоро време веќе имал годишна заработувачка од 1,2 милиони долари. Потоа издал и книга со рецепти.

„Не можам да се преокупирам со парите. Правам џем затоа што сакам да правам џем. А и успехот ми е сладок“, вели тој.

2. Ешли Кволс

Ешли Кволс е родена во 1990 година и веќе е милионер од сопствениот труд. Таа учела HTML кодирање кога имала 14 години и сакајќи своето знаење да го претстави пред светот, го создала сајтот WhateverLife.com. Никој не обрнувал внимание на тоа сè додека таа не почнала на своите другари да им нуди бесплатни теми кои го подобруваат изгледот на нивните Мајспејс профили. Одеднаш нејзиниот веб-сајт доживеал бум во веб-сообраќајот и почнал да заработува од програмата за огласување на Гугл. Денес има седум милиони посетители месечно, а има одбиено и една понуда на компанија која сакала да го купи нејзиниот сајт за 1,5 милиони долари.

3. Камерон Џонсон

Родителите го замолиле малиот Камерон да им ги направи поканите за една претпразнична забава која се одржувала кај нив, а тој ги направил толку добро што наскоро имало луѓе кои барале од него да им дизајнира картички, покани, честитки и слични работи. На возраст од 11 години, тој веќе ги заработил првите неколку илјади долари. Потоа ги искористил овие пари за да го основа SurfingPrizes.com, сајт на кој се заработува од кликање на огласи. И овде заработувал добро, па пред да заврши средно училиште веќе имал еден милион долари на сметката. Тогаш решил да ги продаде бизнисите и да се образува. Истовремено ја задржал листата со контакти од потрошувачите, оставајќи си простор за започнување на некој нов бизнис во иднина.

4. Џулиет Бриндак

На десетгодишна возраст Џулиет Бриндак се забавувала цртајќи измислени женски карактери кои ги викала „кул девојки“. Шест години подоцна создала социјална мрежа за девојчиња кои веќе не се деца, но не се ниту адолесценти, на 10-12 години. Инспирирана од своите цртежи, мрежата се викала Miss O & Friends. Денес нејзината вредност се проценува на над 15 милиони долари, а има околу 10 милиони кликови секој месец. Повремено дава и бесплатни карти за концерти на ѕвезди како Џастин Бибер или Тејлор Свифт, но покрај тоа не употребува друг начин на рекламирање.

5. Дејвид и Кетрин Кук

Дејвид и Кетрин Кук се брат и сестра кои станале милионери благодарение на тоа што направиле онлајн бизнис од училишниот алманах. Разгледувајќи ги нивните алманаси сфатиле дека она што е напишано во нив е бескорисно и не им остава можност да останат поврзани со поранешните соучениции и затоа решиле сето тоа да го стават на интернет. Нивниот постар брат Џеф инвестирал 250 илјади долари во новиот бизнис и наскоро имале речиси еден милион корисници, а вредноста на сајтот се проценува на 100 милиони. Сега бараат начин како да излезат на светскиот пазар.

6. Шон Белник

Шон Белник бил импресиониран од можноста да продава разни работи на интернет, па наскоро почнал со продажба на Покемон картички и слични нешта за да се запознае со целиот процес. Оттаму добил идеја да продава канцелариски мебел преку интернет и пред да наполни 20 години веќе имал заработено 24 милиони долари.

„Мора да имаш желба за успех и преземање ризик, а тоа не е за секој. Јас ја обожавам возбудата поради можностите за раст, а сакам и да ја гледам мојата компанија како расте и се развива. Мора да имаш амбициозни цели“, вели Шон.

7. Ник Д’Алојзио

Седумнаесетгодишниот Ник Д’Алојзио стана познат кога Јаху ја купиле неговата апликација за читање вести на смартфон и за тоа му платиле 30 милиони долари. Инаку, тој научил како да кодира кога имал 12 години, а на апликацијата работел во слободното време. Неговиот совет до бројните млади информатичари е:

„Ако имате добра идеја и ако знаете што недостасува на пазарот, веднаш промовирајте го вашиот продукт затоа што има многу инвеститори кои чекаат да се појави нешто во кое би инвестирале.“

8. Адам Хорвиц

Адам започнал со старт-ап сајтови кога имал 15 години, имајќи цел да има еден милион долари на 21 година. Немал голем успех сè додека не ја создал Mobile Monopoly, апликација која ги учи корисниците како да заработат пари од огласувањето на мобилните уреди. Неа ја продал за сума со шест нули, а парите ги вложил во YepText, сервис на кој компаниите можат да огласуваат. Неговиот совет е:

„Ако некој ви рече ‘Нема шанси, никогаш нема да заработиш онлајн, сè е лага на интернет, бла бла бла…’ да знаете дека ве лажат. Не слушајте што ви велат другите, ви велам, јас поминував низ тоа секој ден со моите пријатели и другите. Не веруваа дека можам да заработам онлајн, а кога заработив, мислам дека беа шокирани. Само напред!“

9. Тајлер Дикман

Тајлер ги заработил своите први долари како и секое друго дете во Америка, со чување деца, косење тревници и продавање лимонада. Потоа заработил нешто и како изведувач на магични трикови на родендени, а судбината му се сменила кога го добил првиот компјутер. Брзо почнал да учи за овие машини, па веќе во осмо одделение можел да ги поправа компјутерите на своите наставници. Кога имал 15 години му се вратил на чувањето деца, а имал среќа тоа да биде кај заменик директорот на голема компанија од областа на финансискиот менаџмент. Кога тој ги видел способностите на Тајлер го повикал на пракса, а за две недели добил и редовно работно место во одделот за информатика. Истовремено ја основал Култроникс, со која поправал компјутери како свое хоби. Таа пораснала доволно за денес да му носи неколку милиони годишно од продавање на компјутери и компјутерски делови.

10. Џон Кун

Џон Кун почнал да прави милиони на 16 години продавајќи автоделови во Њујорк. Неговиот клучен клиент била музичката телевизија Ем-ти-ви, за чие шоу Pimp My Ride тој бил главен снабдувач на делови. Не сакал да остане само во овој бизнис, па онака од ќеф се впуштил и во модниот бизнис. Инвестирал во компанија заедно со раперот Јанг Џизи, а кога влегол и на азискиот пазар станал милијардер.

Lider.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1