Падна договор: Мигрантите директно од Гевгелија ќе се носат до Австрија


Шефовите на полициите на петте земји од западно-балканската мигрантска рута, Австрија, Словенија, Македонија, Хрватска и Србија, денеска се договорија и потпишаа декларација, според која профилирањето и регистрирањето на мигрантите ќе се врши на грчко-македонската граница, а бегалците што ги исполнуваат условите, организирано ќе бидат транспортирани од Гевгелија до преминот Шентиљ на словенечко-австриската граница.

migranti voz 33

На состанокот, кој се одржа во хотелот „Интернационал“ во Загреб, учестуваше директорот на Бирото за јавна безбеност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи на Македонија, Горанче Савовски.

Директорот на хрватската полиција, Владо Доминиќ, како што пренесува ХРТ, соопшти дека сите што ќе бидат регистрирани ќе бидат транспортирани од Гевгелија до Прешево, а оттаму преку Шид и Добов до Шентиљ. Мигрантите што нема да ја поминат регистрацијата ќе останат во контролните пунктови (hot spots), во Турција и во Грција.

– По дводневни разговори, донесовме заклучоци и ќе потпишеме една заедничка изјава за тоа како ќе ги профилираме, регистрираме и ќе ги превезуваме мигрантите од грчко-македонската граница кон Австрија, односно Германија. Се договоривме дека заедничкото профилирање и регистрирање ќе биде на грчко-македонската граница. Кога мигрантите ќе бидат регистрирани, ќе следува контролиран превоз. Секоја држава на својата територија ќе гарантира дека никој нема да може да ѝ се приклучи на групата мигранти што се регистрирани во Гевгелија и така ќе одат до Прешево. Таму ќе преземе полицијата на Србија и контролирано ќе ги доведе до Шид, каде ќе преземе хрватската полиција, која ќе ги пренесе до Добов, а словенечката полиција натаму до Шентиљ. Тие мигранти што бараат азил во Австрија, ќе останат во Австрија, а другите ќе одат понатаму, кон Германија – изјави Доминиќ непосредно пред потпишувањето на декларацијата.

За донесениот документ, претставниците на петте земји ќе ги информираат сите земји-членки на Европската унија.
Според Доминиќ, целта на новите мерки, кои стапуваат на сила денеска, е што побезболен транспорт на мигрантите од Грција и од Македонија кон Австрија и запирање на „фамозните враќања на мигранти од Германија и од Австрија кои сега се случуваат, како последица на профилирањето што досега го вршеше секоја земја одделно“.

Како што изјави Доминиќ, петте земји ќе побараат кон балканската рута да се приклучат и Бугарија и Албанија, бидејќи „кога ќе се затвори грчко-македонската граница, може да дојде до прилив на мигранти во овие две земји“.

– Ќе известиме дека на оваа балканската рута денеска донесовме заклучоци да се приклучат и Бугарија и Албанија бидејќи кога цврсто ќе се затвори границата меѓу Македонија и Грција, може да дојде до прилив на мигранти кон Бугарија, односно кон Албанија. Се договоривме, исто така, да испратиме луѓе што ќе работат на профилирањето и на регистрацијата за да помогнеме на колегите од Македонија. Ќе испратиме луѓе од сите земји за заштита на зелената граница меѓу Грција и Македонија. Ова што го договориме стапува на сила уште денеска. Тоа што може да се направи денеска, ќе се направи денеска, а другото ќе се направи во рок од неколку дена – рече Доминиќ.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1