По поднесувањето на оставките од страна на 33 пратеници од опозицијата, следниот чекор треба да го направи Собранието, кое треба да ја извести Државната Изборна Комисија, дека дел од пратениците се откажале од пратеничките столчиња.
Засега нема информација кога собранискиот спикер ќе ја закаже седницата каде ќе ги констатира оставките од опозиционерите. Извори од Државната изборна комисија за ВЕЧЕР брифираат дека по констатирањето на оставките тие ќе побараат за пратеничките мандати да се изјаснат следните 33 пратеници од листите на опозициската коалиција.
Според законот, новиот кандидат за функцијата треба да се изјасни во рок од осум дена. Кога ќе се констатира дека листата е исцрпена, се оди на парцијални парламентарни избори само за пополнување на испразнетите пратенички мандати.
Повторните парламентарни избори, ако се оди според динамиката која е пропишана, според познавачите, би се одржале есенва. Тогаш би се комплетирал собранискиот состав, а дотогаш Собранието може да функционира и со празните фотелји.
Подготовката на изборите и кампањата за испразнетите места во Собранието траат околу 50 дена. На новите избори право на да учествуваат имаат сите што ќе достават свои предлог-листи за пратеници. Според изборните резултати од парламентарните избори кои се одржаа на 27 април, на евентуалните нови избори партиите во изборна единица (ИЕ) 1 ќе треба да составуваат листа со 7 кандидати, ИЕ 2 ќе треба да има 5 кандидати, ИЕ 3 -7 кандидати, ИЕ 4 – 7 кандидати, ИЕ 5 – 6 кандидати и во ИЕ 6 – двајца кандидати.
Вечер