Бубашваба во кифла, црви во бурек со месо, мува во лиснато тесто, расипани млеко, јајца и риба се само дел од „специјалитетите“ што ги купиле граѓаните во Скопје и во други градови.
Станува збор за „зачини“ што биле најдени во прехранбени производи на легални производители, кои биле купени во овластени продавници и маркети.
Освен со несекојдневните додатоци годинава граѓаните се почестиле и со голем дел производи со изминат рок на употреба што го забележале дури откако стигнале дома.
Во Одделението за заштита на потрошувачите кое работи во склоп на Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава, заклучно со крајот на ноември поднесени биле 190 претставки од кои околу 70 отсто биле основани, односно тоа ги потврдила контролата на инспекторите.
– Kај поднесените претставки за храна од неживотинско потекло, во поголем дел претставките се однесуваат на означувањето и декларацијата на производите, изминатиот рок на употреба и присуство на контаминенти и туѓи тела во храната.
Kога станува збор за претставките кои се однесуваат на храна од животинско потекло, наводите во нив во најголем дел се однесуваат на органолептички изменети својства како мирис, боја и вкус на месо и преработки од месо и мелено месо, риба, млеко и преработки од млеко, продажба на јајца на пазарите и безбедноста и квалитетот на медот – велат во Агенцијата за храна.
Оттаму објаснуваат дека граѓаните многу често поднесуваат претставки за одредени ресторани поради сомневање дека се служи расипана храна која може да им предизвика труење.
– Инспекциските служби на Агенцијата постапија по сите поднесени претставки, донесени се 56 решенија, извршени се 39 едукации, покренати се 8 прекршочни пријави, наплатена е глоба на 8 правни субјекти и уништени се 9.720 килограми небезбедна храна – велат во Агенцијата.
Оттаму објаснуваат дека трендот на поднесување претставки и предлози од потрошувачите во областа на безбедноста на храната од година на година е с` поголем.
Според нив, ваквиот тренд се должи на унапредувањето и развивањето на потрошувачката политика од страна на Агенцијата за храна и се поголемата соработка со граѓанските организации и граѓаните.
Дневник
Ужас: Палента од Жито Лукс купена во Скопје полна со бубачки (Фото)
Фото: Нашле црв во чоколадо Животинско царство