Поголемо количество чад излегуваше попладнево и вечерва од вулканот во Косел. Информацијата за Супер радио ја потврдија и од Охридската противпожарна единица од каде велат дека веднаш излегле на терен, пренесува Инпрес.
– Наша екипа излезе на терен но превентивно, зашто немаше потреба од интервенција. Вулканот реагира на промена на време, изјавија за Супер радио од дежурната служба на Противпожарната единица.
Оттаму велат дека не е првпат да бидат повикани кај коселскиот вулкан бидејќи ваква појава се случувала и претходно.
– И порано сме интервенирале таму, но овој пат се ширеше чад на поголема површина околу вулканскиот отвор, а не само над отворот, велат од Пожарната единица.
Познавачите на приликите појаснуваат дека станува збор за природна појава.
– Можно е, чадот што излегува од вулканот да биде поврзан со неговата зголемена активност, но верувам дека тоа не е поврзано со она што во моментов се случува во нашиот регион, земјотресите и поплавите, вели нашиот соговорник.
За оваа појава, како што информираат дежурните пожарникари, се запознаени сите надлежни служби, почнувајќи од Центарот за управување со кризи.
Еве повеќе информации за вулканот во Косел