Паника во САД по предупредувањата на Светската здравствена организација дека опасниот вирус Зика што го пренесуваат комарци ќе се прошири во сите земји на американскиот континент, пбјави „Сител“. Тешки оштетувања на фетусот и раѓање на бебиња со абнормално мали глави се последиците од Зика. СЗО со препорака до трудниците да не патуваат во Бразил, Хаити, Мексико, Панама, Венецуела. Во Ел Салвадор со уште поригорозни мерки на заштита – министерството за здравство со совет до жените да ја одложат бременоста до 2018 година за да ги заштитат неродените бебиња.
Во Бразил каде во август ќе бидат летните олимписки игри, со гасовити средства ќе се борат против размножувањето на комарците. Постапката ќе ја применуваат и за време на игрите. Во оваа држава се регистрирани 3893 случаи на микроцефалија , односно невролошка состојба која резултира со раѓање на бебиња со многу мала глава, што е за 30 пати повеќе отколку во 2010 година. Како што пренесуваат странските медиуми, опасниот вирус стигна и во Европа откако се потврдени случаи кај тројца Италијанци, четворица Британци и двајца Шпанци. Заедничко кај сите е што биле во Јужна Америка и Карибите.
Од Светската здравствена организација потврдуваат дека вирусот бил изолиран и во човековата сперма. Но потребни им се дополнителни докази дека може да се пренесува и по сексуален пат.
Здравствените власти во Македонија велат дека кај нас нема простор за паника од овој вирус. Во центрите за јавно здравје на сите меѓународни патници им укажуваат и за опасноста од Зика.