Во Париз денеска по налог на градските власти се затворени неколку тунели, паркови и долното ниво на музејот Лувр зошто водостојот на Сена и натаму расте.
По обилните врнежи, Сена се изли на неколку места поради што се евакуирани станарите од повеќе куќи.
Во источниот дел од Париз, Сена синоќа достигна висина од 5,53 метри. Се очекува во текот на викендот да биде над шест метри.
За јавност до недела ќе биде затворено долното ниво на Лувр. Сепак, музејот не планира да ги разместува експонатите, како што беше случај кога во 2016 година градот го погодија големи поплави.
Француската метеролошка служба соопшти вчера дека 15 департмани остануваат под портокалов метеоаларм поради излевање на реките од своите корита ширум земјата.
Покрај Париз, останатите загрозени региони се наоѓаат на северот и истокот од земјата, а четири департмани во централна Франција се под аларм поради снег и лед.
Метеоролошката служба соопшти дека за поплавите се виновни долготрајните врнежи од дожд, наведувајќи дека количеството на врнежи во Париз било двапати повеќе од вообичаеното.