Партиите се согласни за распуштање на Собранието на Република Македонија. Откако ВМРО-ДПМНЕ повика, опозициската СДСМ денеска прифати распуштање на Парламентот. Во понеделник, на 17-ти октомври ќе има седница на која како прва точка ќе биде донесувањето на Буџетот за 2017-та година, со цел да не се предизвика стопирање на процесите, односно ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните, а потоа втора точка ќе биде распуштање на Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика СДСМ да достави барање до Собранието на Република Македонија за негово распуштање, со цел да се стави крај на кризата наметната од опозицијата.
-Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме Претседателот на Собранието г-дин Трајко Вељановски да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена. Граѓаните сакаат конечно да заврши кризата во која што СДСМ ја втурна Македонија, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
По ваквиот повик од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери денеска поднесоа барање за распуштање на Собранието.
-Како дел од политичките партии потписници на договорот од Пржино, ние пратениците сме должни да покажеме дека остануваме на договорените позиции што се во интерес на разрешување на политичката криза. Секој обид за одлагање на распуштањето на Собранието од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе биде доказ плус дека власта на Груевски сака да избега од избори на 11 декември, изјави Горан Сугаревски од СДСМ денеска во Собранието.
Согласност за распуштање на Парламентот има и од најголемата албанска партија ДУИ. Координаторот на пратеничката група Талат Џафери вели дека партијата не учествува во каква било ујдурма за одлагање на изборите закажани на 11 декември и ќе гласа за распуштање на парламентот на седница на Собранието која ќе биде закажана.
Тој негира дека неговата партија стои во заднината на какви било сценарија, калкулации и игри околу закажувањето на собраниската седница на која би се гласало за распуштање на парламентот.
-Ако сме се договориле да одиме на избори на 11 декември, тогаш нема логика да се прават какви било игри или ујдурми со договореното. Нека не си играат со оган, ако планираат какво било изигрување на договореното треба да бидат свесни дека си играат со државата, вели Џафери.
ВМРО – ДПМНЕ предложи Собранието на Република Македонија уште денеска, во 17 часот, да закаже седница на која што прва точка ќе биде донесување на Буџетот за 2017 година, со што, како што наведе владејачката партија, ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните. Како втора точка, која ВМРО – ДПМНЕ вели дека во целост ќе ја поддржи, предлага да биде донесување на одлуката за распуштање на Собранието и за неа да се расправа во 19 часот.
Распуштањето на Собранието на 17 октомври по Буџетот за 2017
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски точката за распуштање на Собрането ја стави како дополнување на дневниот ред на седницата закажана за 17 октомври веднаш по точката која се однесува на усвојувањето на Буџетот за 2017 година.
– Претседателот Вељаноски, почитувајќи ги во целост преземените обврски согласно разговорите на најголемите партии со посредство на меѓународната заедница, ја информира јавноста дека точките за распуштање на осмиот состав на Собрането ќе бидат дополнети на дневниот ред на седницата која е закажана за 17.10.2016 година, после точката која се однесува на усвојувањето на Буџетот за 2017 година, се наведува во соопштението од кабинетот на Вељаноски во врска со последните активности на дел од пратениците од опозицијата за распуштање на осмиот состав на македонскиот законодавен дом, а во согласност со договорите што беа водени со посредство на меѓународната заедница.
Претседателот на Собранието, како што се наведува во соопштението, „го поздравува ставот на пратеничката група на СДСМ за распуштање на Собранието, за разлика од минатите два пати кога оваа партија бараше одложувања на веќе закажаните парламентарни избори“.
– Истовремено, Вељаноски го поздравува и ставот на партиите од владејачкото мнозинство, кои, исто така, во континуитет стојат на позициите за распуштање на овој парламентарен состав согласно постигнатите договори. Овој факт е од исклучително значење бидејќи единствено на тој начин, консензуално, преку избори, мандатот повторно ќе го добие народот и тој, како најмеродавен судија ќе ја даде најточната оценка, стои во соопштението.
Претседателот на Собранието, се додава, е уверен дека на овој начин, македонските пратеници ќе успеат истовремено да остварат две суштински цели: прво, да ја исполнат до крај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата, стабилноста на институциите и непреченото функционирање на системот со носењето на најважниот акт, Буџетот, кој секоја година го усвојуваат претставниците на народот; второ, да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието, бидејќи законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може, се посочува, да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември.
– Претседателот Вељаноски очекува од пратениците на опозицијата да застанат зад споменатиот план бидејќи така на најдобар начин ќе ја покажат својата посветеност кон преземените обврски од договорите, како и одговорноста кон Македонија. Оттаму, за Претседателот на Собранието, секој поинаков став на опозицијата, како тој за распуштање на Собранието на 12 октомври, ќе биде оценет како уште еден акт на политичка неискреност и како дел од планот на опозицијата да издејствува ново, трето по ред одложување на изборите, се вели во соопштението од кабинетот на Вељаноски.