Поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман заработи кривична пријава од управата за финансиска полиција заедно со уште едно лице од Хрватска од градежната фирма Конструктор инженеринг.
Кузман во 2010 по претходно спроведена постапка за јавна набавка, склучил Договор со изведувачот Конструкторт Инженеринг АД Сплит, за што е обезбедена гаранција за понудата, но не и банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите.
Хрватот пак , во својство на одговорно лице во фирмата со цел да се стекне со противправна имотна корист, доставил времена ситуација и градежна книга со невистинита содржина во која лажно прикажал дека на објектот биле набавени материјали и извршени градежни работи, во вкупен износ од 19 милиони денари.
Екс директорот тоа го дозволил, иако не бил избран надзорен одбор и одобрение за градба. Тој не го раскинал договорот, иако бил должен да го направи тоа, и не ја активирал обезбедената банкарска гаранција за понудата во висина од 240.000 евра .
Управата за заштита на културно наследство го раскинала договорот со „Конструктор инженеринг“ и во текот на 2012 година по претходно спроведена постапка за јавна набавка склучила нов Договор за изведба на градежни и градежно занаетчиски работи за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид со изведувачот – Друштвото Митан Пром од Охрид.
Според Управата за финансиска полиција, двајцата на ваков начин го оштетиле Буџетот на РМ во вкупен износ од 34милиони денари
Во телефонска изјава поранешниот директор на управата за заштита на културното населдство Кузман вели дека сите инволвирани во проектот со сплитската фирма Конструктор инженеринг ќе бидат колатерална штета.
Инаку Паско потенцира и дека не е изненаден од ваквата пријава со оглед на тоа дека бил еден од првите кои побарал да се раскине договорот со хрватската фирма.