Возачите реагираат на одлуката за поскапување на патарините, која веќе е на сила. Особено револт предизвикува поскапувањето на патарината на автопатот Велес-Петровец. „На овој автопат се наплаќа најскапа патарина од 80 денари, а по него едвај се вози“, реагираат возачите.
Веќе подолго време граѓаните се жалат на катастрофалната состојба на коловозот на оваа автопатска делница, а од крајот на минатата година сообраќајот е уште повеќе отежнат затоа што започна санацијата на 13 моста на овој автопат.
На голем дел од делницата во ек се градежни работи, заради кои движењето се одвива само по една лента, а брзините се максимално ограничени.
„Оваа делница нема услови ниту за магистрален пат, а не за автопат“, реагираат возачите.
Санацијата на 13 моста, проект тежок 8,6 милиони евра, треба да заврши дури во јуни следната година, а истовремено тече реконструкцијата на целата делница со нов асфалт и банкини за што ќе се потрошат 10 милиони евра.
Во 2006 година, кога слични градежни зафати се изведуваа на автопатот во спротивна насока, од Петровец до Велес, оваа патарина не се наплаќаше. Ваква одлука донесе тогашната Влада, поради санација на мостовите на јужната делница, откако ги зеде предвид поплаките и критиките на граѓаните за условите за возење на овој автопат.
Одлуката го чинеше Фондот за патишта помалку приходи во износ од 200 милиони денари, кои беа надоместени од државниот буџет и со засилена контрола на останатите патарини.
Оваа патарина со години работи и надвор од меѓународните норми и стандарди поради непостоење на алтернативен пат од Катланово до Велес и обратно, а возачите немаат можност да изберат дали ќе се возат по автопат и ќе платат или по спореден пат бесплатно.
Фактор.мк