Патнички воз кој сообраќа на релација од Скопје кон Битола синоќа околу 22.00 часот меѓу селата Теово и Согле удрил во одрон од камења и земја кои биле на самата пруга. Нема повредени, но е предизвикана материјална штета.
Како што се наведува во денешното соопштение од МВР, патнички воз бр. 645 со моторна гарнитура бр. 712+108, управуван од машиновозачот Ц.Т., вчера во 22.00 часот на железнички километар 37+00 помеѓу железничките стојалишта во село Теово и село Согле наишол и удрил во одрон, при што од ударот направена е материјална штета на моторната гарнитура и истата е излезена од пругите.
Повредени патници и возен персонал нема, а патниците од страна на полициски службеници биле спроведени од местото на несреќата до село Согле од каде со автобус на Македонски железници биле пренесени до потребната дестинација.