Ирката Долорес О’Рирдан, пејачка на Кренберис, почина на возраст од 46 години. Причината за смртта не е откриена, а нејзиниот публицист изјави дека О’Рирдан ненадејно починала во Лондон, објави Ти-ем-зи.
„Членовите на семејството се скршени од болка поради веста и побараа приватност во ова мошне тешко време“, се додава во соопштението.
Лондонската полиција исто така ја потврди веста, вели Гардијан, и дека телото на О’Рирдан било најдено во хотелот „Парк лејн“. „Во оваа рана фаза смртта се третира како нејасна“, се вели во полициското соопштение.
О’Рирдан и групата од Лимерик снимале во Лондон.
О’Рирдан остави три деца; таа се разведе од сопругот во 2014 година.
Ти-ем-зи потсетува дека Долорес во 2013 година се обиде да се самоубие, велејќи дека страда од депресија, а и беше дијагностицирано и биполарно растројство. Долорес рече дека верува дека некои од нејзините емоционални проблеми потекнуваат од злоупотребите додека била дете.