По шокантното признание на врвот на Фолксваген, дека дури 11 милиони возила има вграден софтвер којшто лажира податоци за емисија на штетни издувни гасови, акциите на овој производител на автомобили буквално потонаа.
Акциите на Фолксваген кој во понеделникот загуби 18 отсто од вредноста, поради откривање на скандалот, во текот на вторникот по соопштението, компанијата загуби упте 20 отсто од вредноста. Така овој авто гигант во оваа недела досега прокнижи загуба од дури 28 милијарди евра.
Во петокот со акциите на компанијата се тргуваше на ниво од 162 евра, што значи дека вредноста на компанијата во тој момент била 78,5 милијарди евра, а сега акциите потонаа на 101,5 евра, или вредноста падна под 50 милијарди евра.
Станува збор за најголем пад на акциите на „Фолксваген“ во изминатите неколку децении, пишува лондонски „Фајненшл Тајмс“ предупредувајќи дека скандалот во германскиот гигант, може да нанесе сериозен удар и врз угледот и производството на целата европска авто индустрија.
Скандалот се појави кога американските власти открија дека 482 илјади дизел возила на Фолксваген-Ауди произведени меѓу 2009 и оваа година, за пазарот на САД, имале вградени софтвер кој го детектира системот за мерење на емисијата на штетните гасови, поради што се добиваат лажни показатели.
Велика Британија бара целосно разрешување на скандалот и гаранции дека вакви возила нема на пазарот, а лондонските весници проценуваат дека ваквиот „софтвер за лажни податоци“ го има дури во 11 милиони возила.
Франција побара проверка на состојбата и кај другите автомобилски компании, сомневајќи се дека тоа не случај само кај Фолксваген.
Владата во Берлин, наложи темелна истрага и проверка на сите дизел возила произведени во оваа автомобилска компанија.
Извршниот директор на компанијата Мартин Витеркорн поради скандалот остана без работа. Неговиот последен ден на работното место ќе биде 25 септември, а ќе го замени извршниот директор на Порше, Матиас Мулер.