Според него, може да се спроведе кампања на социјалните мрежи, но, како што рече, постојат категории на граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи.
И ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде пропаст на светот, рече на денешната прес-конференција претседателот Стево Пендаровски, додавајќи дека евентуалната одлука за одложување на изборите треба да се донесе со консензус на сите политички страни.
Според него, може да се спроведе кампања на социјалните мрежи, но, како што рече, постојат категории на граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи.
-Според сите препораки од ОБСЕ и други организации, граѓаните мора да бидат добро, сеопфатно и целосно информирани за да донесат одлука на ден на избори. Јас имам резерва за денот на избори. На нашите парламентарни избори во просек гласаат милион луѓе на 3.000 гласачки места, со пет члена во одборите. Ден претходно се спроведува гигантска операција за пренос на материјалот и на крајот материјалот се предава на изборните комисии кога се калкулираат резултатите, рече Пендаровски.
Досега, како што додаде, во светот не се спроведени избори во ваков амбиент, освен во Израел, каде инфицираните гласаа на посебни гласачки места. – Таму сите беа облечени со скафандери, имаше медицински тимови, но тоа беше направено за мала бројка на луѓе, рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање околу можноста за воведување вонредна состојба, шефот на државата рече дека ситуацијата е уникатна и оти нема случај за време на прогласена пандемија да се организираат избори.
– Да споменам дека вчера бугарската Влада донесе одлука за прогласување вонредна состојба. Значи, ако некој мисли дека ако прогласиме вонредна состојба или кризна состојба на целата територија дека е тоа волшебно стапче со кое ќе се решат сите проблеми вклучително и овој со гласањето нема да се решат, рече Пендаровски.
Додаде дека го видел списокот на мерки кои бугарската држава предвидува да ги преземе во случај на вонредна состојба од тоа што ќе прави бугарската Армија до Министерството за здравство и како што рече „не гледам дека тоа може битно да ја измени ситуацијата во однос на тоа што ние го имаме”.
– Значи не би било решение, да заклучам, ако се воведе вонредна состојба од утре или криза на цела територија дека можеме да извлечеме избори со едно ниво на гласање, па и апстиненција од другата страна како што сме го имале а другите избори. Парламентарните избори кај нас традиционално историски се движат околу 60 проценти од одзивот, рече Пендаровски.