Грижата за старите лица и натаму останува приоритет за ВМРО-ДПМНЕ. Во следните четири години се предвидува зголемување на пензиите за 21,5 проценти, обезбедување на бесплатен викенд, бесплатен градски превоз во Скопје и во недела, продолжување на проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација за пензионерите, зголемување на социјалната помош за 21,5 проценти…
– Предвидено е зголемување на пензиите по 5 отсто годишно, со исплатата на пензијата за јуни. По четири години, вкупното зголемување на пензиите ќе изнесува 21,5 отсто! , промовираше вчера министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Два полни пансиони и бесплатен превоз до езеро или планина
Со цел да се обезбеди квалитетен живот, социјална заштита и сигурност на старите лица, од 2015 година ќе започне реализација на проектот Бесплатен туристички викенд за пензионери”. Бесплатниот викенд ќе може да се искористи во одморалиштата и хотелските комплекси кои се наоѓаат на планините и крајбрежјето на езерата во Македонија како на пр. во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово и Крушево.
Во овој проект влегува платен превоз, ноќевање и 2 полни пансиони. Оваа услуга ќе може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, а лицата корисници на пензија кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија. Секоја година оваа услуга ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, односно 12.000 пензионери за 4 години.
Бесплатно во ЈСП и во недела
Владата во соработка со Град Скопје досега овозможи бесплатен превоз во градскиот јавен сообраќај во Скопје во вторник, петок и сабота. Преку овој проект ќе се овозможи досегашната бесплатна услуга за превоз на пензионерите да се прошири и да важи и во недела. Со ова ќе се креираат услови за рамномерно распределување на бројот на патници кој сега е сконцентриран во деновите кога тој е бесплатен за пензионерите. На тој начин ќе се создадат услови за намалување на метежот во јавниот сообраќај и ќе се подобри животот на пензионерите.
Гага бања за 22 илјади пензионери
Ќе се продолжи со реализацијата на Проектот Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија”. Услугата на бањско-климатска рекреација ќе може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември во траење од 7 дена и ќе опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата на бањско-климатска рекреација. Проектот ќе продолжи да се реализира и во наредните четири години, при што ќе бидат опфатени 22.000 пензионери.