Кога божикната песна „Тивка ноќ‟ настанала во Австрија пред речиси 200 години, нејзините автори, а ни тие кои први ја слушнале не можеле ни да претпостават дека еден ден ќе стане светски хит.
Песната, чиј наслов во оригиналот е „Stille Nacht, Heilige Nacht‟, првпат била изведена на Бадна вечер во 1818 година, пред верниците во црквата Св. Никола во Оберндорф.
Зборовите на песната, кои до денес се преведени на над 300 јазици и дијалекти, вклучувајќи ги јапонскиот, велшкиот и фарси јазикот, ја напишал свештеникот Јозеф Мор во 1816 година во време кога Европа се подготвувала за нападите и ужасите од војните на Наполеон.
Две години подоцна, Мор го замолил својот пријател од соседното село, свирач на оргуљи и учител Франц Ксавер Грубер, да напише музика, што тој го направил.
Тие двајца на 24 декември првпат ја испеале таа песна по вечерната миса во оберндорфската црква. Бидејќи оргуљата била расипана, наводно поради глувци, Мор свирел на гитара.
Многу години подоцна, во книгата „Како настанала божикната песна Тивка ноќ, Светла ноќ‟, Грубер напишал дека првото издание наишло на општо одобрување.
Воодушевувањето со тек на време растело и се ширело се повеќе и повеќе, иако до денес останало тајна како оваа песна ја освоила планетата.
Се верува дека во тоа клучна улога одиграл извесен Карл Маурахер, изработувач на оргуљи кој ја популаризирал песната секаде каде што поставувал или поправал оргуљи. Потоа песната ја презеле и две патувачки пејачки групи Раинер и Штрасе, кои настапувале ширум Европа, па се до Соединетите Американски Држави.
„Тоа беа поп ѕвезди во тоа време‟ – изјави Ана Холцнер, претставничка на музејот „Тивка ноќ‟ во Халајн, каде денес е изложена гитарата на Мор, пренесува Танјуг.
Наскоро следела англиска верзија, а до крајот на 19 век песната се пеела на сите континенти благодарение пред се на христијанските мисионери.
Легендата вели дека во текот на Првата светска војна германските и британските војници заедно ја пееле секој во својот ров за Божик во 1914 година. Нејзиниот повик на мир одѕвонувал над ничија земја во текот на краткото примирје.
Песната била снимена неколку стотици пати во изведба на разни уметници, како Бинг Крозби и Елвис Присли, па се до германските рокери „Ерлоесунг‟ и Мајли Сајрус која оваа година понуди своја верзија.
Постојат и неколку „луди‟ верзии како што е таа со мекање на кози, која во хуманитарни цели ја снимил шведскиот огранок на хуманитарната организација Action Aid под името „Се што сакам за Божик е коза‟.
Денес на Мор и Грубер им се оддава почест во десет градови во Австрија, вклучувајќи го и Хорбург-Аху, родното место на Грубер каде во изминатите 10 години за Божик се приредува специјална театарска претстава.
„Во мојата земја таа песна се пее на 20-30 различни јазици‟ – вели Сали (45) која работи како возач на автобус во Салцбург, инаку по потекло од Гана и која секоја година пее во претставата.
Оригиналната оберндорфска црква била срушена на почетокот на 20 век откако била оштетена во поплава. Денес на нејзино место се наоѓа мала капела на чии окна се насликани Мор и Грубер.
Секој 24 декември луѓето се собираат пред капелата за да ја пејат „Тивка ноќ‟.